Секој што има дете со АДХД знае дека тоа е мрачната страна на родителството. Додека другите деца учат да ги врзуваат врвките на чевлите, да ги подготвуваат кутиите за ручек, да ја пишуваат домашната задача и генерално да почнуваат да го водат својот живот без помош, родителството на дете со АДХД е енормен напор дури и кога го носите вашето дете на училиште.
Велат дека треба да им дозволите на децата да прават грешки за да учат, но децата со АДХД можат да прават повеќе грешки од повеќето деца и да го повторуваат истиот неуспех до бесконечност, па товарот паѓа на рамената на родителите. Родителите се тие што ќе треба да го предвидат следниот предизвик на нивниот пат и да ги водат. Тоа е она што го направив и јас.
Напишав листи со активности за секоја соба и ги закачив на ѕидот. Ставив потсетници во кутијата од виолината на мојот син, креирав распореди со бои и многу години му ја местев облеката за да избегнам утринска криза.
Му бев личен асистент. Неговиот будилник, менаџер, банка, готвач, пералница, шофер и тренер. И сега, на 18 години, тој го остава зад себе овој неверојатен тим за поддршка од еден член и си оди сам по својот пат. Во мојот вообичаен начин на предвидување проблеми помислив дека би било добра идеја мојот син да има неколку сесии за когнитивна бихевиорална терапија (КБТ), за да воспостави некои системи што ќе му помогнат да се справува сам во животот.
Затоа резервирав онлајн сесија и чекавме пред компјутерот. Го прашав мојот син дали би сакал да си одам, но тој рече дека би сакал да присуствувам на сесијата. Немаше поим за што се работи.
Семејната терапија што ми се удри од глава
Терапевтот се појави онлајн, со скапи три минути задоцнување.
-Што се надеваш да добиеш од оваа сесија? – го праша мојот син.
Тој изгледаше зачудено, па јас објаснив за промените со кои се соочува на колеџ и дека се надевам оти таа ќе може да му помогне да постави системи на однесување и дисциплина за да се справува независно во животот.
-А како е твоето ментално здравје? – го праша таа мојот син.
Тој изгледаше збунето.
-Добро – рече на крајот.
-Како се справуваш со училишните обврски?
-Може да ми е потребен цел ден пред конечно да се смирам и да започнам со работа – рече тој.
-Како се чувствуваш во врска со тоа? – праша терапевтот.
-Многу е фрустрирачки – реков.
-Добро е. Многу брзо го надминувам тоа кога конечно ќе почнам – одговори синот.
-Па, можете ли да му овозможите малку обука за АДХД за да му помогнете да го управува своето време? – прашав.
Терапевтот воздивна и нè погледна двајцата, кажувајќи ни дека не е убедена оти мојот син има желба да се промени.
-Когнитивно-бихевиоралната терапија е дизајнирана околу желбата за промена. Не мислам дека вашиот син сака да се промени. Можам да дадам неколку предлози, но без поттик од него, веројатно нема да успеат.
Значи, ова беше губење време и многу пари?
-Мислам дека можам да ви помогнам на некој начин. Какви работи се надевате дека ќе се променат? – праша таа.
-Тој може сам да го води својот дневник на активности – реков.
-Зошто вие го водите неговиот дневник? – ме праша таа.
-Затоа што тој не го прави тоа – одговорив.
-Па што ќе се случи ако не успее?
-Ги потрошивме парите, времето на инструкторот за возење и неговата можност да учи – реков, во однос на часовите по возење, како пример.
-Добро – значи, може да има некои непосредни последици за него ако го пропушти тоа? Како да ви ги вратиме парите?
-Што? – рече мојот син, изгледајќи вознемирено. Не му се допаѓаше каде води ова.
Терапевтот длабоко воздивна, не знаејќи како ќе го прифатам следното нешто што требаше да го каже.
-Прекрасно е што си била толку грижлива мајка за твојот син. Тој успеал на толку многу начини, делумно благодарение на твојата обука, организација и помош. Но, најдобриот начин да се грижиш за него сега е да му дозволиш да ги прави овие работи сам, а каде што е потребно, да го оставиш да не успее – ми рече таа.

Со скршено срце, сфатив дека терапевтот беше во право: имавме неколку спектакуларни неуспеси, но никогаш навистина не му ја предадов одговорноста на мојот син. Значи, навистина, неуспесите беа мои.
Решенијата мора да доаѓаат од него и ако продолжам да правам работи за него, тој дури и нема да види дека има проблем. Тој е возрасен човек. Време е да му верувам, да го оставам да падне, за потоа самиот да се крене. Можеби тоа е и најтешкиот дел од родителството – да се препуштите и да го оставите вашето дете да ја јакне независноста.
Терапевтската сесија не беше неуспех – вредеше секој денар за влијанието што го имаше врз мене.
Ми даде храброст и дозвола да се опуштам, да го пуштам да одлета во еден неподдржан свет. Но, што ако има какви било сомнежи во неговата способност да се справи со животот?
Според зборовите на Ерин Хансон:
„Те чека слобода
на ветрето преку небото
И прашуваш: Што ако паднам?
Ох, но мило мое, што ако одлеташ?“
Автор: Бриџит Еплбај