Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог, психотерапевт

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психотерапија и Советување Тест

Повеќе од авторот

Злоупотребувачите се луѓе што изгледаат сосема нормално, без некои впечатливи психички и социјални недостатоци за да бидат забележливи или поинакви од другите

Денес многу деца секојдневно се злоупотребуваат и се малтретирани. Под поимот злоупотреба и занемарување подразбираме: физичко, психичко малтретирање, сексуална злоупотреба, недоволна и неквалитетна исхрана која води кон нарушувањево развојот, неукажување неопходна медицинска помош и грижа, и злонамерно дрогирање и тргување со децата. Злоупотребите се краткорочни и долгорочни повреди кон детето кои понекогаш можат да доведат и до смрт. Сега ќе зборуваме за една многу тешка тема која на некој начин е и табу во нашето општество, тема која се избегнува да се коментира и не ѝ се обрнува многу внимание. Дали поради причината што најголем број од злоупотребите се случуваат токму во најблиската околина на детето, во неговото базично семејство и е голема чувана тајна, а тоа е – сексуалната злоупотреба и малтретирањето на децата.

Сексуалната злоупотреба има широко значење, се состои од активности при кои со манипулација, лажење, поткупување и присила се бара од детето да учествува во нив, а кои се непримерни за возрастa на детето. Почнува со воведување на детето или адолесцентот во сексуална активност, употреба на детето како објект кој служи за задоволување на сексуалната желба и потреба од страна на возрасно лице.

Објаснете им на децата кога ќе почувствувате дека се доволно возрасни да разберат – што е во ред, а што не е, каде се границите, дека никој не треба да го допира по интимните делови од телото

Обљубувањето на детето во семејството од страна на родителот или друг член од семејството се нарекува инцест. Бидејќи инцесот се одвива првенствено во кругот на семејството, дали поради срам, страв и други причини, ретко се пријавува, па поради тоа, денес е тешко да се каже колкава е присутноста. Меѓутоа, децата се злоупотребени и од блиски возрасни личности во кои детето има доверба, а кои не се во сродство, на пример: соседи, семејни пријатели, колеги, наставници итн. Иако овие злоупотреби не се категоризирани како инцестни, тие сепак имаат еднакви последици врз децата.

Kако што наведовме погоре, злоупотребувачите се родители, познајници или роднини, луѓе со авторитет од кои децата зависат и во кои имаат доверба. Голем број од децата се злоупотребувани во сопствениот дом! Злоупотребувачите се луѓе што изгледаат сосема нормално, без некои впечатливи психички и социјални недостатоци за да бидат забележливи или поинакви од другите. Добро се приспособени, а повеќето од нив и имаат некој висок углед, ценети се во својата околина и со самото тоа се на некој начин и заштитени од тоа да бидат обвинети. Голем број од нив се многу љубезни, пријателски настроени кон детето, спремни да помогнат, имаат време и разбирање, ги разбираат детските очекувања и нивниот начин на размислување. Тие воспоставуваат близок однос со детето за тоа да биде емотивно поврзано со нив. Таквата личност на почетокот го поткупува детето со подароци: играчки, омилени ситници, чоколада и разни слатки работи, а со тоа полека го воведува во сексуалниот однос. Како ќе поминува времето, детето почнува да чувствува непријатност и дека нешто не е во ред. Чувствува срам и вина.

Тогаш кога ќе почне да се спротивставува, почнува ветувањето дека тоа повеќе нема да се повтори, а злоупотребувачот понатаму се служи со наговарање, притисоци, принуди и други методи на присила, агресивни, со застрашувања, го обврзува детето да молчи и да ја чува тајната. Кај децата ова предизвикува ужасен страв.
Во случај на инцест татко-ќерка, ќерката како мала е многу поврзана со таткото, кога влегува во пубертетот таткото продолжува да му се приближува на детето, тогаш тоа станува збунето и преплашено и доаѓа до ситуација кога детето не може да разликува дали таткото е родител или сексуален партнер. Истовремено мајката станува многу погрижлива од колку што била претходно, во многу случаи не сака да му поверува на детето иако и самата е свесна дека нешто не е во ред, и поради страв, не може да му се спротивстави на таткото.

Предаторите обично мечтаат за доминација и моќ над друга личност, како и желба за безусловна љубов. Детето за нив претставува најдобар објект бидејќи е слабо и не може да се брани. Одбираат деца со уочливи слабости, деца кои се чувствуваат неприфатени, несакани, кои не се популарни, кои имаат слаба самодоверба и самопочит, кои се изолирани и кои се без заштита. Нивната перцепција е толку искривена, што тие цврсто веруваат дека со злоупотребувањето му прават добро на детето, дека тоа добива нешто со тоа и дека во повеќето случаи детето е самото иницијатор за она што се случува.

Штетата што им е нанесена на овие деца е огромна и со огромни последици врз развојот. Особено на децата повозрасни од 7 години. На секое од овие деца физичката и емотивна граница им се нарушени. Тие се соочуваат со:

– Ненадејни или екстремни промени во расположението, бес, страв, гнев, прекумерно плачење, или повлекување;
– Бегање од дома;
– Посттрауматско нарушување;
– Анксиозност;
– Губење на апетитот или тешкотии при јадење или голтање;
– Депресивност;
– Постаро дете се однесува како многу помладо: мокрење во кревет или цицање на палецот;
– Изненадни проблеми во училиште;
– Тешкотии во учењето;
– Покажување недолично и невообичаено сексуално знаење и однесување за возраста;
– Склоност кон самоповредување и суицидни мисли.

Статистиката покажува дека најмногу се злоупотребувани женските, а помалку машките деца.
Жените, како и мажите, се појавуваат како злоупотребувачи, но во помал број. Но неопходно е да се земе предвид и сериозното зголемување на врсничкото и злоупотребувањето на помладите адолесценти меѓу себе. Иакo перципирани како монструми, на прв поглед злоупотребувачите се добро приспособени граѓани кои развиваат суптилни стратегии за да се приближат кон детето. Поради тоа, во повеќето случаи кога детето ќе каже некој толку близок или човек за кој никогаш не би го помислиле тоа, ќе бидете изненадени и со недоверба ќе гледате кон тоа што го кажува детето.
Најважно е децата да разберат дека тие никогаш не се виновни за она што се случило. Да им се покаже доверба, да им се даде поддршка и заштита. Да се прашаат како се чувствуваат, а не да се обвинуваат, но многу битен дел е да не се крева преголема паника иако тоа е нешто што е многу тешко за кој било родител или старател на кој му се доверило детето.
Ова е многу важно бидејќи ако родителот покаже огромно запрепастување или паника, детето уште потрауматично ќе го доживее сето она што му се случило.

Објаснете им на децата кога ќе почувствувате дека се доволно возрасни да разберат – што е во ред, а што не е, каде се границите, дека никој не треба да го допира по интимните делови од телото.

Секојдневно се сретнуваме со многу возрасни луѓе, пријатели, роднини, соработници, кои биле жртви на сексуално насилство и кои и ден-денес се борат со овие тешки чувства на вина, гнев и срам. Оваа траума и тајна не мора да ве следи и мачи со години, секогаш можете да побарате стручна помош и да поразговарате со некој за тоа.



912

X