Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има осум години, мирна е, повлечена и некомуникативна со луѓе што не ги познава. Проблемот е што секојдневно плаче на училиште бидејќи си прави филм дека ќе нема кој да ја земе, иако досега не се случило тоа. Плаче хистерично, со виткање на рацете и во тој момент како да не познава никого и не е свесна што прави… Почнала да плаче на училиште, ги туркала децата и три наставнички не можеле да ја смират. Исто така, одбива да влезе сама во училиште, мора да влезе со родител. Кога ја прашуваме зошто прави така, вели дека нешто ја тера. Да напоменам дека нема проблем ниту со наставници ниту со некое дете. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: На таа возраст многу деца веќе имаат развиено вештини кои им овозможуваат да бидат потолерантни на фрустрациите. Се мисли на способноста за разбирање на сопствените и емоциите на другите. Се користи јазикот како начин за идентификација, разбирање и емоционално изразување, што овозможува подобро управување со емоциите. Зголемен е капацитетот за самоконтрола, регулирање и комуникација.
Сепак, не сите деца спаѓаат во просечниот опсег на очекуваното. Знаеме дека времето на созревање на секое дете е различно и дека постојат други варијабли кои можат да доведат до тоа вашето дете да ги нема развиено доволно вештините, кои му помагаат да ја надмине фрустрацијата.
Постојат ситуации кои можат да генерираат стрес или вознемиреност кај детето и да предизвикаат проблеми со управувањето со емоциите, како што се: промена на живеалиштето, одвојување од родителите, раѓање на брат или сестра итн. Во вашиот случај проблемот е поврзан со одвојувањето од вас. Ако во исто време детето поминува низ тешкотии на училиште, тоа акумулира емоции со кои не знае како да се справи и ги прикажува преку континуирани изливи на вакво однесување. „Нејзините филмови“ се многу реални за неа поради големото чувство на страв. За нас, возрасните, кои ги гледаме ситуациите од друга перспектива понекогаш ваквите однесувања се чинат како разгаленост или повик за внимание.
Препознајте дека на детето му е тешко, прашајте ја од што се плаши и обидете се да ја разберете. Бидете тука за неа, рефлектирајте ги нејзините чувства и кажете дека заедно ќе го надминете ова. „Верувам дека се плашиш, но знам дека можеш и заедно ќе го надминеме oвa, како да ти помогнам?
Не игнорирајте го и не минимизирајте го нејзиниот страв. Одбегнувајте да кажете или споредувате: „Помалите деца не плачат, како можеш да се плашиш итн.“ Секогаш бидете доследни на договореното и одржувајте конзистентна дневна рутина за вашето дете, која ќе му даде чувство на сигурност и ќе ја намали анксиозноста. Добро е детето да знае што го очекува секој ден.
Кога бара да влезете во училиште, влезете заедно, а потоа поздравете се, гушнете се и имајте некој свој посебен поздрав. Охрабрувајте ја постепено да ја гради својата независност. Давајте ѝ одговорни задачи дома соодветни на нејзината возраст, кои ќе ѝ помогнат да се чувствува способна и самоуверена. Дома можете да глумите различни улоги или да ги смените, вие да бидете детето, а таа родителот итн. Пофалете ја секогаш кога прави нешто добро и кога успешно се справува со разделбата или самостојно управува со својата анксиозност. Прославете ги нејзините достигнувања, без разлика колку се мали. Од друга страна, иако е природно родителот да сака да го заштити своето дете, избегнувајте да бидете премногу заштитнички настроени. Охрабрете ја да истражува и да комуницира со околината, да се дружи и да има повеќе контакти со другите деца.
Доколку овие епизоди се повторуваат, би било добро да посетите психолог. А, доколку имате потреба за дополнителен разговор за развојот на вашето дете, можете да закажете онлајн средба на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912