Рано утро е. Мојата 8-годишна ќерка Клара и јас сме на приземјето додека другите членовите на семејството спијат. Ова е наше време. И Клара е ранобудник како мене. Често се буди пред изгрејсонце, се спушта по скалите, седнува на столчето покрај мене и чита, решава загатки, игра на „ајпад“, ми шепнува нешто додека се обидувам да ги завршам обврските за работа. Ми зборува за своите соништа. Ми поставува прашања за географија. Ме известува за трите состојби на материјата, 14. амандман и нејзината омилена историска личност – Клара Бартон. Еден од моите пријатели неодамна помина малку време со мојата ќерка и рече дека никогаш не ѝ недостигаат зборови.
Додека станувам за да подготвам појадок, Клара ме прашува: „Тато, дали ќе ме носиш?“ Клара веќе не е малечка и е висока за своите години. Сè потешко ми е да ја кренам в раце.
Но, ја кревам додека светлината продира низ страничните стакла. Ги поставува рацете околу мојот врат и се стиснува до мене. На крајот нозете ми се тресат, а рацете ме болат од замор. Па ја поместувам надолу. Како одговор, таа го пика лицето во мојот врат и ми вели: „Толку ми е убаво кога вака ме носиш.“
И сега размислувам дека сум единствената личност во животот на Клара која може да ја држи в прегратка. Премногу е голема за мојата сопруга да може да ја носи. Претешка е за бабите и дедовците. Висока е речиси колку нејзиниот вујко. Во златниот сјај на утрото, сфаќам дека сум последната личност што ќе ја држи како девојче.

Одлучив да не ја спуштам додека таа не го побара тоа. Ќе ја држам засекогаш ако треба. Има многу работи што Клара ги прави за последен пат. Заврши со бањањето со патчиња и сега самата се тушира. Чита книги сама. На вратата од нејзината соба најдов хартија на која пишува: Остави ме. Спијам. Читам. Си играм.
Одеднаш ми се разбудија сеќавања. Промена на пелени и првите падови додека ги правеше своите први чекори. Сето тоа полека исчезнува. Ногата ми вреска од болка, а мојот бицепс трепери. Ништо од тоа не е важно.
Сонцето излегува. Дојде нов ден и тоа е страшно. Би сакал да го замрзнам времето и да го сопрам растењето на Клара.
Не можам. Наместо тоа, ќе ја држам и ќе направам овој момент да трае што подолго. Ќе го запомнам. Ќе се сеќавам на него. Ќе го носам во срцето до денот кога ќе стане преголема за да ја кренам или престара за да го побара тоа од мене.
Автор: Метју Дикс