ПРАШАЊЕ: Син ми има 3 години и веќе една година оди во градинка, меѓутоа, никако да се навикне, а претходно го чуваше баба му. Цело време се жали дека му ги земаат играчките и дека децата се удираат. Учителките велат дека таму е супер, но кога ќе се врати дома покажува лутина, се буди навечер вознемирен. Еден ден ќе успееме да го однесеме, а наредните 3 дена никако не успеваме да го убедиме. Секое утро станува и нѐ моли да не го носиме, плаче, вреска и не можеме ни да го облечеме.
Дали навистина чувствува несигурност во градинка, не знаеме, но кога ќе го однесеме цело тело му се тресе, премногу е вознемирен. Страв ни е дека ако продолжиме вака, може да направиме поголем проблем.
ОДГОВОР: Детето на околу две години направило сепарација од примарната социјална средина, но целосна сепарација не е воспоставена. Баба како дел од таа динамика сѐ уште посредува во вашето секојдневие, што кај детето остава фрагменти од претходната динамика и предизвикува отпор и револт барајќи го времето назад кога бабата постојано го чуваше.

„Институцијата баба“ и институцијата градинка не се поклопуваат, што кај детето прави да има недоволно психолошки имунитет во справување со социјални ситуации, на пример, децата викаат, удираат или земаат играчки кои тој ги доживува преакцентирано и пренагласено.
Затоа, по тоа прашање треба да бидете попрецизни и доследни без многу експериментирања во врска со времето поминато во градинка. Носењето и враќањето правете ги исклучиво вие, родителите, додека детето да постигне целосна сигурност.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com