градинка Прашај психолог

Секое утро е сè потешко – уште при облекување почнува да плаче и не сака да оди во градинка, а за неколку месеци очекуваме и ново бебе… Што да направиме?

ПРАШАЊЕ: Се работи за девојче на 2 години кое оди во градинка уште од 11 месеци. Секое утро е сè потешко: уште при облекување почнува да плаче, вели дека не сака во градинка, дека сака дома да остане. Воспитувачките велат дека штом ќе влезе, брзо се смирува, си игра, весела е и активно учествува во сите активности. Кога ја земаме попладне, среќна е, зборува за дечињата, кажува со кого си играла и вели дека ги сака воспитувачките. Дома често разговараме за градинката – ги знае имињата на дечињата, сака да слуша приказна за градинката, и дури и самата вели дека „утре нема да плаче“ и дека „тато ќе ја однесе во градинка па ќе оди на работа, а мама исто“. Но секое утро ситуацијата се повторува, пробавме да оди со омилена играчка, мало изненадување или чоколадо, но на крајот плачењето при разделбата е исто. Би ве замолила за совет што би можеле уште да направиме за да ѝ помогнеме полесно да го надмине овој период? Тешко ни е и нам да ја оставаме таква, а и неа ѝ е тешко секое утро. Дополнително, за неколку месеци очекуваме и ново бебе, па се грижиме дека тоа може уште повеќе да ја приврзе за дома. Секој ваш совет би ни значел многу.

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Како родители тешко ни е кога децата плачат или се тажни, но тоа се емоции кои се исто така добредојдени и преку кои детето расте како и кога е среќно, весело итн. Некако ние, родителите, очекуваме со растењето детето да ги прави некои работи малку полесно, но ако се свртиме и развојно погледнеме со што тоа се соочува, тогаш малку ситуациите ќе ги разбираме поинаку. Во овој период вашето детето влегува во многу важна фаза на развој на свеста за себе и за светот околу себе. Таа повеќе не е „мало бебе“ кое малку плаче и потоа автоматски се приспособува, туку дете кое веќе јасно разликува дома–градинка, мое–туѓо, блиско–далечно, и токму поради тоа разделбите сега се доживуваат малку потешко и поемотивно.

На оваа возраст детето ја зајакнува и поврзаноста со родителите, а истовремено нема доволно внатрешен капацитет за да ја поднесе разделбата без емоционално да се изрази. Промената на групата дополнително ја зголемила нејзината внатрешна несигурност бидејќи за детето тоа е целосно нов свет. А, тука е и најавата за новото бебе, која дури и ако не е директно изразена, често интуитивно се чувствува и може да ја засили потребата за блискост и сигурност со вас.

Затоа плачењето е само начин на кој таа ја изразува тагата поради одвојувањето. Од друга страна, покажува колку таму ѝ е убаво со фактот дека брзо се смирува, дека игра, дека е активна и радосна, зборува за градинката и по тоа можете да чувствувате дека во таа средина е безбедна и дека ѝ е добро.

Важно е вие да бидете смирени и сигурни бидејќи детето ја „позајмува“ вашата емоционална состојба. Наутро правете ја истата утринска рутина, без многу промени. Именувајте ги чувствата: „Знам дека ти е тешко да се разделиме, мама е тука и ќе дојде по тебе, ќе мислам на тебе.“ Разделбата нека биде кратка, без долго убедување и смирување, со кратка прегратка и бакнеж, без чувство на жалење или лутина. Нема потреба од носење чоколада или храна и нема потреба од „ќе ти купам ова и она ако не плачеш“, но може да земе мала играчка или кукла за да ја има со себе.

Како ќе поминува времето, ќе се зајакнува и нејзиниот внатрешен капацитет за разделба, плачењето ќе се намали, а овој период ќе помине. Бидете смирени, но емпатични, полни со љубов и имајте доверба дека таа може:)

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top