Здравје

Секое трето дете е со прекумерна тежина, а секоја трета реклама е за слатки, покажува хрватско истражување

Секое трето дете има прекумерна тежина, а секоја трета реклама на пат кон училиште е посветена на безалкохолни пијалаци или слатки, предупредува Хрватскиот институт за јавно здравје, презентирајќи го првото национално истражување за рекламирање на храна и пијалаци во близина на основните училишта.

Истражувањето за рекламирање и маркетиншка комуникација за храна и пијалаци во близина на основните училишта во Хрватска покажало дека рекламите за храна и безалкохолни пијалаци се најчестиот вид реклами во близина на училиштата, опфаќајќи 38,3 проценти од сите регистрирани реклами.

Меѓу рекламите за храна и пијалаци, 28,3 проценти се однесуваат на безалкохолни пијалаци, а 20,5 проценти на слатки производи. Речиси секоја трета реклама (29,1 проценти) промовира производи богати со масти, заситени масти, шеќер и/или сол, додека повеќе од половина од рекламите (52,4 проценти) не се во согласност со критериумите на Светската здравствена организација за реклами за деца. Според Европската иницијатива за детска дебелина, околу 36 проценти од децата на возраст од осум до девет години во Хрватска се со прекумерна тежина или дебели.

-Дебелината е нормален одговор на поединецот на абнормална средина. Не можам да зборувам за причинско-последична врска, но тешко е да се игнорира фактот дека речиси секое трето дете има прекумерна тежина, додека секоја трета реклама на пат кон училиште е за безалкохолни пијалаци или слатки – изјавила Сања Мусиќ Милановиќ, раководител на Службата за промоција на здравјето во Хрватскиот институт за јавно здравје.

Маја Ланг Моровиќ од Хрватскиот институт за јавно здравје нагласува дека целта на истражувањето била да се разгледа надворешното рекламирање во близина на училиштата, заедно со дигиталната средина, за која почесто се дискутира.

-Децата им веруваат на рекламите и не ги доведуваат во прашање, поради што често прават избор на храна врз основа на она што го гледаат. Ова не важи само за децата – возрасните се многу подложни на влијанието на ваквите пораки – вели таа.

Докторката и специјалист за јавно здравје Луција Сирониќ оценува дека резултатите покажуваат простор за подобрување на регулацијата на маркетингот на храна и пијалаци, како во близина на училиштата така и во дигиталните и електронските медиуми, нагласувајќи дека резултатите „не треба да останат само дел од публикација, туку треба да поттикнат конкретни мерки“.

Шефицата на УНИЦЕФ за Хрватска, Луиза Брумана, пак, предупредува дека детската дебелина има последици не само врз физичкото, туку и врз менталното здравје и успехот во училиште.

-Меѓународните истражувања јасно покажуваат дека она што децата го гледаат во нивната околина силно влијае врз нивните навики во исхраната. Регулирањето на маркетингот на храна и пијалаци, особено кон децата е дел од решението – заклучува таа.

Препораките се воведување јасна регулаторна рамка за рекламирање храна и безалкохолни пијалаци насочено кон децата, регулирање на рекламирањето на отворено во близина на училиштата и воспоставување систем за следење на маркетинг-комуникациите.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top