„Зборовите се, се разбира, најмоќното опојно средство што го користи човечката раса. Велат дека една слика вреди илјада збора, но еден вистински збор може да има смртоносна, деструктивна моќ или движечка, возбудувачка, конструктивна сила. Еден мал збор е оној што има важност, моќ да преврти, менува, облагороди или да исече во корен“.
Децата, малите луѓе, тие се оние што имаат привилегија (или, ако околината тоа го наметнува, несреќа) да апсорбираат нови концепти, значења, туѓи погледи на реалноста, како сунѓери, и да усвојат, модифицираат, приспособат и градат свои знаење, мислења и интереси. Затоа тие треба да бидат насочени, охрабрени, возбудени од нивната вродена љубопитност и безопасна, нерасипана креативност која треба да се негува и обликува. Преку уметноста, литературата, пред сè, се стекнуваат основите за формирање нов поглед на светот, се откриваат нови, мистериозни, неистражени простори, патувања низ времето, ограничувањата се кршат и конкретното се спојува со апстрактното, а низ сето тоа има колоритна палета на животни искуства, вистина, знаења од целиот свет, активности, општествени слоеви и различни можности.
Не треба да се очекува детето еднакво да го усвои или сака секој текст, роман или расказ, но важно е да не заборавиме дека најлошото што сме го читале е подобро од најдоброто што не сме го прочитале. Ваше е да го разбудите интересот на најмалите – убавината е во очите на гледачот и тие ја препознаваат. Затоа, колку и да изгледа нешто непривлечно, должност на наставниците е да ја отворат секоја тема со еднаков жар и ентузијазам и да го извлечат максимумот од неа, да го поткрепат текстот со анегдоти, лично искуство, слики, цитати, паралели со други работи и да им се овозможи на учениците сами да извлечат одредени заклучоци и судови. Се разбира, со аргументи.
Запомнете – секое непрочитано дело, секоја необјаснета лекција, секој запоставен писател или правец, секој потрошен час, секое прескокнато читање и секој ученик што не стекнал одредена читачка навика, доведува до нарушениот вредносен систем во кој живееме денес.
Од вас зависи дали детето еден ден ќе се интересира за делата на големите писатели или за реални шоуа.

Секој нов збор, секоја напишана реплика, секоја научена песна и прочитана страница води до здраво растење, писменост, моќен, незамислив речник, доминација на имагинацијата и свртување кон правилна перцепција на реалноста.
„Треба да го разберете целиот живот, а не само еден мал дел. Затоа треба да читате, затоа треба да гледате во небото, затоа треба да пеете и да играте, да пишувате песни и да страдате и да разбирате, затоа што сето тоа е живот“.