Онлајн-програмата е многу добро организирана, децата имаат учебници и плус на секои две недели добиваат нови работни листови. Денот започнува во 9:15, а завршува во 15 часот. Имаат предавање во живо 30 минути, а потоа им се дава доволно време да завршат домашни или некоја друга задача. Тестови имаат секоја недела, а наставничката одвојува по 15 минути за да го испраша секое дете

На американските ученици им беше дадена можност да изберат да ја започнат учебната година онлајн, попознато овде како виртуелна академија, или, пак, да одат на училиште со ротација – една недела на училиште, две недели онлајн, вели Ирена Бензакен од Скопје, која веќе неколку години живее во Северна Каролина со своето семејство.

Таа за Деца.мк раскажува какво ѝ е секојдневието со децата Давид и Емануел, зборува за онлајн-наставата и за тоа како таа и нејзиниот сопруг Франк, кој со години работи во „Леново“, се организирани во време на Ковид-19.

Нов живот, измешани емоции

Како и на многу луѓе во светот, така и нашите животи се променија, почнувајќи од првата недела во март кога првпат слушнавме на вести за Ковид-19, вели Ирена.

– Веќе на 13 март сите училишта се затворија. Во меѓувреме, емоциите ни беа измешани, бевме бомбардирани од информации за вирусот и за тоа колку е сериозен. Набргу Центарот за превентива од заразни болести (Center for disease control and prevention) прогласи пандемија, а со тоа и целосно затворање на државата во која живееме, Северна Каролина – се присети Ирена.

Освен супермаркетите за храна и аптеките, сè друго било затворено, а движењето по 21 часот било забрането. По тоа „заклучување“ следувале месеци на изолација, тежок период за возрасните и за децата бидејќи морале да се навикнат на новиот живот, како и сите во светот.

– Секој гувернер поставува различни правила во својата држава. На пример, „отворањето“ на Северна Каролина се одвиваше во три фази. Носењето маски е задолжително и денеска. Иако бројот на заболени расте, објектите почнаа да се отвораат во фази. Многу луѓе работат од дома, а еден од нив е и мојот сопруг. Ситуацијата не е многу сменета, но со текот на времето научивме како да живееме во свет на пандемија – додава Ирена.

Таа вели дека сите во нејзиното семејство многу сериозно го имаат сфатено вирусот, па затоа прават сè за да се заштитат – од носење маски, држење растојание и неодење на прослави. Ако, сепак, има некоја роденденска прослава, таа се случува секогаш на отворено и присутните држат растојание.

– Мојот впечаток е дека мнозинството Американци сериозно ја сфаќаат целата ситуација и дека се придржуваат кон правилата – додава Ирена.

Одлучивме децата да ни учат онлајн

Гувернерот одлучи дека децата можат да се вратат на училиште со физичко присуство на 28 октомври или да учат онлајн. Моите деца учат онлајн, односно ја избравме виртуелната академија, раскажува Бензакен.

– На почетокот беше многу тешко, имаше денови полни со солзи, фрустрации и тага. Но, како што минуваше времето, така сите полека се навикнавме. Децата овде имаат голема поддршка од наставниците. Онлајн-програмата е многу добро организирана, имаат учебници и плус на секои две недели добиваат нови работни листови. Денот започнува во 9:15, а завршува во 15 часот. Децата имаат предавање во живот 30 минути,, па потоа им се дава време да завршат домашно или некоја друга задача. Тестови имаат секоја недела, а наставничката одвојува по 15 минути за да го испраша секое дете. Се разбира, динамиката на учење не е иста како на училиште, но јас сум задоволна и од овој начин на учење – вели Ирена.

Секој ученик добил нов лаптоп и безжичен интернет.

– Мене денот ми поминува со обврски околу децата, особено околу помалиот син, кој има 5,5 години и оди во предучилишна установа. Седам до него додека му трае школскиот ден. Му помагам и на третоодделенецот кога има потреба – додава таа.



912

X