Природата, селската идила и шумата нè инспирираа. Наоѓавме начини како да им ги направиме часовите интересни и едукативни. На село часовите по ЗПО ги држев во природа. Изворче, поточе, река, зимзелени и листопадни дрвја, шума, нива, трактор, плуг. Посетивме трло, пондила… Самите раскажуваа како нивните мајки прават сирење, кисело млеко. Научив и јас многу работи од нив, а тие беа пресреќни што ми споделуваат, што има кој да ги чуе да раскажат. Немавме сметала. Броевме и сметавме со гравчиња, пченкарни зрна, костени, ореви, листови, се присетува учителка Маре Трајкова, која по завршувањето на учителската школа е пратена на пракса од една година во тетовското село Вратница

По завршувањето на најстара учителската школа „Никола Карев – Скопје“, учителка Маре Трајкова, која беше прва учителка на целодневна настава, е пратена на пракса од една година со своите пет колешки во тетовското село Вратница, во училиштето „Симче Настевски“. Тука требало да учителствуваат, да го вежбаат занаетот, да ја практикуваат професијата… Држењето настава во Вратница било темел за нејзината успешна професија подоцна.
Ваквиот начин на функционирање, со реална пракса по завршувањето на тогашната школа, вродило со многу успешни учители.

Печење на занаетот во Вратница

– Седејќи во дворот под високите борови и елки и нивните дебели стебла, го слушав појот на птиците и нивниот лет од гранка на гранка, а ја здогледав и нашата пријателка верверицата со својата долга и нежна опашка. Мислата ми отиде некаде далеку во времето кога по завршување на учителска школа бевме испратени по селата на пракса. И добив инспирација да го споделам моето позитивно искуство. Само што завршив учителска школа во јуни, далечната 1960/1961 година бев назначена со пет колешки во тетовското село Вратница, како учителки во одделенска настава. Отидовме кон средината на август, со автобус. Возачот ни објасни дека ова село го викаат американско бидејќи многу жители заминале на печалба. Дека е богато село, има пошта, продавница, берберница, училиште, кујна и амбуланта. Значи, подготвени бевме со информации – се присетува учителката Маре.

Една година полна спомени

Само што стигнале во селото, ги пречекал директорот на училиштето и домаќинот, кај кого ќе престојувале за време на праксата. Односно, биле сместени во дом на некој од селаните.
– Го видовме училиштето и со домаќинот се упативме кон неговиот дом. Тоа беше чичко Тевдо, кој имаше домаќинка, снаа, син Коце и две внучиња. Како што одевме, одминавме поточе. Покрај патот течеше бистро поточе кое некаде брзаше да навади некоја нива. Чичко Тевдо ни го кажа куќниот ред, меѓу другото, дека ручекот во куќата ќе биде заеднички, а наша задача е само да одговориме на дадената работа – да се посветиме на нашите ученици – со жар раскажува учителката.

Следниот ден, се присетува учителката, бил предвиден за пријавување во училиштето и разговор со директорот, кој им ги кажал задолженијата и обврските.

– Јас водев прво одделение со 18 ученици. Мали, срамежливи, мирни, исплашени, како и јас. Почнавме со настава. Во торбичките на скромните ученици – понекое моливче, тетратка, букварче и понекоја боичка. Имаше кујна во училиштето. Исто скромна, со лепче и млеко. И само едно ми идеше на ум, што сега? Морав да се снајдам, што е многу важен елемент од праксата. Не е исто како во град, како во учителската школа. Теорија без пракса е ништо. Праксата и теоријата не можат една без друга. Моравме да одговориме на предизвикот пракса и само пракса на село. Најтешко ми беше и голема обврска да ги научам да читаат, пишуваат и сметаат. И јас со нив учев и јас се плашев да не згрешам. Имаше денови кога и понекоја солза имав во очите. Од клупа веднаш си застанал пред тие наивни очиња кои очекуваат од тебе да научат. Чувствував голема одговорност – вели учителката.

Учевме во допир со природата

На часот по музичко гласот ѝ се фатил од возбуда, но вели дека сè е минливо, човек постепено се навикнува на обврските и мора да биде оптимист.

– Природата, селската идила и шумата нè инспирираа. Наоѓавме начини како да им ги направиме часовите интересни и едукативни. На село часовите по ЗПО ги држев во природа. Зошто да не? Изворче, поточе, река, зимзелени и листопадни дрвја, шума, нива, трактор, плуг. Посетивме трло, пондила… Самите раскажуваа како нивните мајки прават сирење, кисело млеко. Научив и јас многу работи од нив, а тие беа пресреќни што ми споделуваат, што има кој да ги чуе да раскажат. Немавме сметала. Броевме и сметавме со гравчиња, пченкарни зрна, костени, ореви, листови – раскажува Маре.

Праксата на село – бесцената

Доколку се снајдеш во село, твојата понатамошна работа ќе вроди плод, вели таа.

– На село, а и во град, учителот треба да биде креативен. За Нова година им организирав лотарија. Нацртав на табла елка, научивме песничка и влечевме лотарија. Невидена радост. Кој доби гумичка, моливче, боички, острилки, тетратка. Бев пресреќна што научија да читаат.
Секој ученик сакаше да ме држи за рака, најголема радост беше тоа. Многу ме почитуваа. Кога се сликавме, тоа беше вистинско доживување за нив. Целодневна настава тогаш не постоеше, но на некој начин беше затоа што бевме комплетно посветени, практично многу работевме, воведовме еден наш вид целодневна настава. Самите ученици беа воодушевени, љубопитни да научат, среќни. И морам да споменам, со колешките многу работевме, соработувавме, си помагавме, се надополнувавме – ни споделува учителка Трајкова.

Многу од нејзините колешки останале во селата, вљубени во поинаквиот начин на живот и благодатите што ги нуди селото, продолжите таму да ја градат кариерата, а подоцна и семејството.
Учителка Маре сега упатува големи поздрави до жителите на селата Вратница и Беловиште, од каде што негува само убави спомени.

– Поздрав до моите мали ученици, а сега татковци и мајки. Благодарност и до семејството Тевдовски, кое ни овозможи пријатен престој во нивниот дом. Праксата на село е најголемиот пријател на секој што сака да напредува – потенцира таа.

Фото: Приватна архива



912

X