Својата натпреварувачка кариера Тимур ја почна на пет години на трка која беше организирана од страна на СФМ во ски-центар Маврово. Првата негова трка – првиот адреналин остави длабока позитивна трага во неговата психа кога е во прашање натпреварувачкото скијање, вели неговиот татко Атила Абдулахи

Тимур Абдулах неодамна освои две први места во скијање во дисциплините слалом и велеслалом како дел од натпреварот за деца до 16 години од страна на „Шарс академи“ под покровителство на СФМ и скијачкиот центар Попова Шапка.

Тимур има седум години и штом научил да оди, почнал да скија. Вешт е во снежниот спорт и често знае да застане на пиедесталот.

Од две години ги владее скиите

Роден е во Тетово на 25 ноември 2014 година. Прваче е во Основното училиште „Истикбал“ во Тетово.

– Приказната со скијањето почна заедно со моите први чекори. Причината да почнам толку мал се моите родители, кои се образовни лица, а истовремено татко ми е годишен инструктор по скијање – ни сподели Тимур.

Пред да почне да оди, Тимур веќе скијаше, велат родителите.

– Првото негово индиректно искуство на патеката го имаше врзан на градите на татко му во кенгур. А првите негови чекори со скии се направени кога наполнил две години и ден-денес скијањето е неразделив дел од неговиот живот – изјавува неговата мајка Бејда.
Со нецели 4 години тој веќе скијаше во сите скијачки траси без разлика на нивната сложеност или степен во Скијачкиот центар Попова Шапка, дополнува Атила, таткото на Тимур.

Кариера од пет години

Кога се во прашање скијањето и скијачките натпревари, неговата желба да се постигне најдоброто, најуспешното, го прави уште поамбициозен и уште понескротлив.

– Тимур својата натпреварувачка кариера ја почна на пет години. На трка која беше организирана од страна на СФМ во Ски-центар Маврово. Првата негова трка – првиот адреналин остави длабока позитивна трага во неговата психа кога е во прашање натпреварувачкото скијање. Следната година Тимур стана член на Скијачкиот клуб „Ски школа Љуботен“ на чело со претседателот и неговиот тренер и чичко Бојан Серафимовски – ни сподели Атила.

На 6 години тој веќе станува натпреварувач кој го претставува својот клуб „Ски-школа Љуботен“ на различни натпреварувања.

– Во новооснованата „Лига на надежи“ од страна на Скијачката федерација на Македонија, различни алпски купови организирани тука и пошироко, меѓуопштински или државни натпреварувања и многу други. Секоја трка за него значи повеќе другарчиња, а исто така и уште повеќе дружење на снег каде што Тимур е најсреќен, полн со енергија, облеан во позитивата што ја носи овој спорт – дополнува Атила.

Успесите се плод на дисциплина

Минатиот викенд освоените први места во натпреварот во велеслалом и слалом, кој беше организиран од страна на „Шарс Академи“ под покровителство на СФМ и Скијачкиот центар Попова Шапка, претставуваат плод на дисциплина, редовност и елан во работата на тренажниот процес, појаснува таткото на Тимур.

Тимур е прваче и супер му оди и на школо. Според родителите, позитивниот ефект од скијањето се одразува и врз неговите успеси во училиштето.

– Другарчињата во школо ме поддржуваат, се радуваат за моите успеси, ме охрабруваат да продолжам, ме прашуваат најразлични прашања и сето тоа ме прави да бидам уште подобар и посилен во овој спорт – вели Тимур.

Освен скијањето, Тимур во слободно време е активен и секогаш спремен да ужива во планински велосипедизам, планинарење, возење ролери, пливање, спортски риболов, како и редовно следење на брзинските спортови/натпревари што се емитуваат на телевизија – особено скијачките натпревари.

Фото: приватна архива



912

X