Ѓорѓи соборил два национални рекорди – најдобро време (4,37 секунди) и средно време (6,77 секунди) во решавање Рубикова коцка 2х2. Постигнал и најдобро време (12,64 секунди) и најдобро средно време (17,36 секунди) во решавање Рубикова пирамида. Претходните рекорди биле поставени во 2010 година

На второодделенецот Ѓорѓи Чешмеџиевски од Скопје му требаат неколку секунди за да реши сложена Рубикова коцка. Неодамна беше најмлад учесник на интернационалниот натпревар во решавање Рубикови коцки – „Albanian Open 2018“, кој се одржа во Тирана во просториите на Harry Fultz Institute и собори два рекорда. Нѐ посети со татко му Ристе. А, освен што ни ги презентира вештините, се дружеше и се натпреваруваше со уште едно наше гостинче, Никола Петров од Кавадарци. Сродни души.


Никола и Ѓорѓи

Брзо ќе ве научам

Ѓорѓи е ведро и насмеано момче. Стаса дотеран, во карирано кошулче со дрвена пеперушка, која ја нацртала неговата креативна мајка Ивана. Се разбира, со Рубикови коцки. Во шареното ранче ги носеше дваесетината омилени. Си ги презентираа коцките со Никола, уште пред да си ги кажат имињата. Потоа, муабетот им тргна со анегдота на англиски, за нас, останатите, неумешните во нивната силна вештина – решавање на коцките.
Сите коцки имаат свои имиња и се наместени.
– Пред да почне натпревар во решавање Рубикови коцки, натпреварувачите добиваат 12 секунди за ја разгледаат онаа што ќе ја решаваат. Коцките треба да се еднакво измешани. Има алгоритми за нивно решавање и ние ги знаеме и ги комбинираме. Лесно е, брзо ќе ве научам – се понуди Ѓорѓи.

Тој е ученик во 2-3 одделение во Основното училиште „Кузман Јосифовски-Питу“.
– Ми се оди во школо. Понекогаш имаме интересни часови. На пример, на природни науки правевме еден експеримент со вулкан и од него излегуваше нешто како лава. И многу сакам математика – ни раскажа.

Нема страв од натпреварување

Најмногу сака да си игра со Јана. Учат заедно.
– Трчаме, си играме и некогаш си разговараме за некои чудни работи. Замисли ете некоја коцка да мрда и сама да се мести – се смее Ѓорѓи.
Сака компјутерски игри, но не сите му се дозволени, а ужива да прави и авиончиња од лего-коцки. Обожува да плива, а ужива во скокањето од скокалница пред крајот на тренинзите. Неговиот омилен јутјубер има смешни видеа за тоа што прават луѓето кога не знаат да наместат коцка.

Дома чува рипки.
– Машко и женско се. Се сакаат – се смее.
Се насмевна и кога ни кажа за тоа што најмногу сака да јаде – кашкавал.
– Го растеме на кашкавал – се шегува татко му.

Сака да биде кјубер, или лекар, или инженер, или наставник…

Ѓорѓи е надарено дете. Натпреварите и предизвиците не го плашат.
– Се радував што одев на натпревар. Не ми беше сеедно кога ќе помислев дали ќе бидам бавен во решавањето, ама ете – победив. Мама и тато ме храбрат, ама најмногу на светот, освен нив, ги сакам и вујко Дамјан, баба Марта, баба Слаѓана и баба Нада – дополнува.
Кога ќе порасне, сака да биди кјубер, ама може ќе биде лекар, или инженер, или наставник…
– Ако бидам наставник, на сите ќе им ставам убави оценки. Ќе им објаснувам на децата како што ни објаснуваа за вулканот – објаснува Ѓорѓи.

Се надеваме дека набрзо ќе има програма за надарени деца

Татко му Ристе вели дека се обидуваат во Скопје да организираат меѓународен натпревар, за што треба да се најде само простор.
– На натпреварите не се гледа само на тоа да се реши коцката, туку тоа да биде брзо. Се гледа и на тоа колку одреден проблем може да се реши за пократко време со помалку чекори. Нема старосни категории – вели тој.
Првата Рубикова коцка Ѓорѓи ја добил случајно, додека шетале на пазар, на одмор.
– Сега ги нарачуваме преку интернет – додава таткото.
Ристе раскажува дека на детето често му е досадно на училиште. Тој одамна пишува на латиница, а течно зборува англиски.
– Процедурата за да прескокне одделение е предолга. Се надеваме дека ќе се исполнат најавените новини од Министерството за образование за програма за надарени деца.

Никола Петров е мајстор за Рубикови коцки – ги решава и со затворени очи



912

X