Седмоодделенката Лара Станчева од скопското ООУ „Лазо Трповски“ го освои третото место на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021, кој традиционално се одржува во јапонскиот главен град Токио.

Натпреварот е во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио и се одржува во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите нации за одржлив развој на образованието“. Овој глобален проект се реализира од 2020 до 2030 година и во него активно се вклучени сите земји-членки на УНЕСКО. Покровител на натпреварот е министерот за образование, култура, спорт, наука и технологија на Јапонија.

Од училиштето на Лара соопштуваат дека наградата е освоена во силна конкуренција, имено, на натпреварот учествувале 28.217 учесници од 161 земја.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“, училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар го претставувале три ученички, координирани од предметниот наставник по германски јазик Стефан Симовски.

Наградите на наградената седмоодделенка Лара Станчева и на менторот Стефан Симовски ќе им бидат врачени на пригодна свеченост во декември годинава од страна на амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори.

Фотографии: ООУ „Лазо Трповски“



912

X