Надвор е студено и има вируси, а вашето бебе само што не пристигнало. Како да го подготвите домот, како да знаете дали на бебето му е студено или топло и што ако бебето настине, советува педијатарот Маја Скендер.

Повеќето бебиња се раѓаат во болница. А тоа значи дека бебето мора да излезе надвор за да стигне дома. Секако, тоа прво излегување не избира временски услови.

Од болница ќе излезете кога ќе ве отпуштат, без оглед на тоа дали е лето или зима, дали дува ветер, дали врне дожд или снег. Но, добро завитканото бебе нема ни да забележи ако накратко било надвор.

Како да го подготвите домот за доаѓањето на бебето?

Бебето дома се среќава со нова средина. Просторот во кој ќе престојува по излегувањето од болницата треба да биде чист и удобен. Тоа значи дека не треба да биде задушлив и дека температурата на воздухот треба да е соодветна.

Термонеутрална околина за новороденчето е оној опсег на температурата и влажноста на околината во кој новороденчето, со нормална температура на телото, има најмала потрошувачка на кислород.

Со други зборови, овие услови најмногу му одговараат. За новороденчето, термонеутралната температура на околината, со релативна влажност од 50 отсто и без струење на воздухот – изнесува 31 до 34 степени кога детето е голо и околу 24 степени кога е облечено и покриено со памучен прекривач.

Како да знаете дали на бебето му е студено или топло?

Допрете му ги рачињата и ножињата. Ако се студени и модри, тогаш му е студено.

Ако просторијата е загреана, ако на бебето му е црвено лицето и му се поти главата, тогаш му е топло.

Што да преземете ако му е топло?

Треба да го пресоблечете да не биде испотено, да го надоите и да ја намалите температурата дома.

Кога да го однесете бебето на прошетка?

Има луѓе што бебињата родени во зима не ги изнесуваат надвор до април за да не настинат. Но, тоа не е добро од повеќе причини.

Прво, бебето полесно ќе настине во мал простор во кој влегуваат возрасни и постари деца, кои носат различни инфекции.

Второ, не е здраво да се дише застоен воздух, и трето и најважно: детето треба да се навикнува на условите во средината во која ќе го помине целиот живот. Тоа значи дека бебето смее и треба да се носи на прошетка и во зима, но откако ќе се обезбедат одредени услови.

Бебето помало од шест недели смеете да го изнесете надвор и да прошетате со него ако надворешната температура е над 15 степени и ако е стабилен денот, без ветер, при што треба да биде соодветно облечено.

Ако е постудено, почекајте да наполни шест недели бидејќи на таа возраст созрева центарот за терморегулација во мозокот, па бебето можете, на половина час, да го изнесете и на температура од околу нула степени – под услов да е убав денот, без ветер и бебето да е добро облечено.

Дали новороденчето има имунитет?

Новороденчето сè уште нема свој имунитет, но затоа мајката го штити во првите три месеци со своите антитела – заштитни материи што неутрализираат микроби. Еден дел од овие антитела пред крајот на бременоста преминуваат од мајката на фетусот преку постелката и бебето се раѓа со нив. Нивниот број постепена опаѓа од раѓањето, но ги надоместуваат антителата како и многу други заштитни материи од мајчиното млеко.

Со нив е особено богато првото млеко, колострум, кое се создава во првите денови по раѓањето. Од исклучително значење е бебето да го цица ова млеко. Тоа брзо ќе надојде ако новороденчето се стави на градите на мајката непосредно по раѓањето, уште во родилната сала. Подобро е потоа бебето и мајката да престојуваат во истата просторија. На тој начин бебето максимално ќе го искористи колострумот, цицајќи кога и да посака по неколку голтки од оваа скапоцена течност. И зрелото млеко има голема заштитна моќ, па јасно е дека доените деца се помалку склони на инфекции од децата хранети со вештачко млеко.

Што ако бебето настине?

Обичната настинка е лесна болест, предизвикана од некои од многубројните респираторни вируси, и ги зафаќа горните дишни патишта. Првиот знак е затнатиот нос. Кај повеќето деца често се јавува и болка во грлото. Тоа е така затоа што во грлото се сместени лимфните јазли, во кои се одвива борба со натрапниците – така, одбранбените клетки во текот на настинката „се среќаваат“ со микроби и го спречуваат нивното навлегување во долните дишни патишта. Температурата ретко е покачена и детето ја задржува својата вообичаена активност и апетит.

Што ако новороденчето има покачена температура?

Покачената температура значи дека на бебето му е многу жешко или е болно. Прегреаното бебе (ректалната температура над 37,5 степени) најчесто е претоплено или подолго чувано во средина чија температура е поголема од термонеутралната. Но, ако не било во вакви услови, а детето не изгледа добро, или температурата не падне ни по еден час, мора да се земе предвид можноста дека бебето е болно. На оваа возраст без одложување треба да се однесе на доктор.

Бебето треба да се пресоблече да не биде водено, да се завитка во ќебе и треба да му се стави капче на главата. Доколку нема друг извор на топлина, грејте го со вашето тело. Може да помогне термофор со топла (не врела) вода што ќе се стави на грбот на бебето преку облеката, а не на голо.

Како да му го исчистите носот на бебето?

Носето мора да се исчисти пред секој оброк, а може и почесто, доколку е потребно. Ова се прави со физиолошки раствор кој се продава во аптеките. Капките за нос не се даваат за новороденчиња. Чистењето на носот со стапчиња обично не е ефикасно, додека усниот аспиратор е добар ако се користи правилно, според даденото упатство. Пумпата за нос не се препорачува пред возраст од 3 месеци.

Бебето што има секрет во носот обично има и кашлица бидејќи секретот се слева низ грлото и ги надразнува рецепторите за кашлица. Ако бебето е во добра општа состојба (весело, заинтересирано, јаде добро), нема потреба да одите на лекар. Но, ако има густ, зелен секрет, одбива храна, има покачена температура, болка во увото, повраќање, и особено отежнато дишење, модра кожа и општа премаленост – тогаш ова бара лекарски преглед. Инаку, вообичаено е столицата на бебето што има секрет во носот да содржи слуз кој обично го голта и исфрла преку цревата.

Настинката е нормален начин за стекнување имунитет, па затоа мора да се помине за да стекне отпорност на вирусите што нè опкружуваат. Настинките обично не траат повеќе од една недела, а поминуваат спонтано, без лекување.

Кога бебето мора да се однесе во болница?

Лошата општа состојба на детето, проследена со брзо дишење и модра кожа околу устата, укажува на болест на долните дишни патишта, што кај новороденчињата секогаш е сериозна и бара лекување во болница.

Бронхиолитис е вирусна инфекција на најситните респираторни цевки, бронхиолите, што обично се јавува кај малите бебиња во текот на зимските месеци. Се манифестира со бледа, понекогаш модра кожа и забрзано и отежнато дишење, проследено со „свирење“. Бебето е премалено и одбива храна, а ретко има и покачена температура. Иако болеста е тешка, не помагаат антибиотици бидејќи причинители не се бактериите. Обично поминува за 7-10 дена, од кои најлош е четвртиот.

Воспалението на белите дробови е инфекција на самите бели дробови. Може да биде предизвикано од вируси и бактерии, поретко од други микроорганизми. Секогаш е сериозна болест во првиот месец од животот на бебето и мора да се лекува во болница.

Што ако новороденчето кашла?

Ако општата состојба на бебето е добра и тоа нормално цица и спие, најдобро е да не се презема ништо, освен чистење на носот. Кашлицата обично е последица на слевање на секретот од носот низ задниот ѕид на голтникот во лежечка позиција, кога се иритираат рецепторите за кашлица. Не е ретко бебето во текот на кашлањето да поврати, додека дел ќе го проголта и ќе го исфрли преку столицата. Ако повраќањето е често и му пречи во сонот и во текот на хранењето, однесете го бебето на лекар.

Дали новороденчето треба да се вакцинира против грип?

Вакцината против грип не се дава на бебиња помали од шест месеци, па ни на новороденче. Иако бебињата ретко имаат грип, овој вирус може сериозно да им го загрози здравјето. Поради тоа во сезоната на грипот, особено ако е прогласена епидемија, новороденчето треба да се поштеди од непотребен контакт со луѓе, особено во затворен простор.

Овчи сипаници и бебето

Постарото дете фати овчи сипаници. Дали новороденчето е изложено на ризик?

Теоретски, ако вие сте прележале вакви сипаници пред бременоста, антителата што ги поседувате треба да го штитат вашето новороденче, особено ако цица. Но, никогаш не знаеме дали оваа пасивна заштита е доволна, па добро би било новороденчето да не го доведувате во контакт со лица што имаат сипаници. Ако контактот веќе се случил, не ви останува ништо освен да чекате. Овчите сипаници за новороденчето се тешка болест ако мајката се разболи пред крајот на бременоста, кога нема време да се создадат антитела, а во случај на контакт по раѓањето се очекува поблага форма ако мајката претходно ја прележала оваа болест. Во спротивно, и вие и бебето може да се разболите и тоа сериозно.

Воспаление на уво

Воспалението на уво кај бебето е често во текот на настинката. Колку е бебето помало, толку воспалението е потешко да се препознае, и често погрешно се лекува како цревна инфекција, бидејќи речиси секогаш е присутна дијареја.

Кај новороденчето секоја посериозна инфекција почнува слично: бебето премногу е поспано и раздразливо, одбива храна, а температурата само понекогаш е покачена. На воспалението на уво најчесто му претходи затнат нос. На силна, моментална болка бебето реагира ненадејно, со силен плач, особено навечер или во текот на јадењето. Болната чувствителност на трагусот (точка пред средниот дел на увото) на притисок е исклучително несигурен знак, бидејќи бебето плаче во текот на прегледот и без притисок. Како прва помош, треба да му се даде парацетамол во доза од половина лажичка. Доколку болката се повтори, однесете го бебето на лекар.

Автор: прим. д-р Маја Скендер, педијатар



912

X