Сè повеќе деца развиваат кратковидост како последица на долгото време поминато пред екрани на мобилни телефони, таблети и компјутери. Истражувањата покажуваат дека децата што минуваат околу четири часа дневно пред екрани имаат двојно поголем ризик од развој на миопија во споредба со оние што пред екрани се задржуваат еден час или помалку.

Кратковидоста денес погодува околу 2,2 милијарди луѓе во светот, а се проценува дека до 2050 година речиси половина од светската популација ќе има проблем со видот. Освен генетските фактори, начинот на живот игра клучна улога, особено долгата работа без паузи и на мало растојание од екрани.
Еден од ретките докажани заштитни фактори е редовниот престој на отворено. Децата што секојдневно поминуваат 40 до 80 минути надвор, на дневна светлина, имаат значително помал ризик од развој на кратковидост.
Експертите советуваат ограничување на времето пред екрани, повеќе игра и учење на природна светлина, редовни паузи при читање и задолжителни превентивни очни прегледи, со цел навремено откривање и спречување на посериозни проблеми со видот.