Училиштата и образовните системи се променија во последните децении. Новите технологии и сеприсутните екрани ја преобликуваа наставата, а наставните програми, кои сѐ повеќе се приспособуваат на стандардизирани тестови, влијаеја врз начинот на учење. Но, заедно со промените во методите и алатките, некои навидум старомодни, но важни животни лекции исто така исчезнаа од училниците – како што се точноста, трпението и способноста за справување со досадата без постојана стимулација.
Вештината за справување со досадата
Иако технологијата и работата на екраните се составен дел од часовите денес, една студија предупредува на нивните негативни ефекти врз развојот на децата. Прекумерната употреба на технологијата не само што им штети на когнитивните способности, како што се меморијата и решавањето проблеми, туку и на социо-емоционалните вештини, вклучително и комуникацијата и регулирањето на емоциите. За разлика од претходните генерации, од кои се очекуваше сами да се грижат за себе и да се справат со досадата, денешните ученици постојано балансираат помеѓу достапноста на дигитална содржина и последиците од нејзината прекумерна употреба.
Почит кон авторитетот
Додека причините за лошо однесување во училиштата се сложени, многу наставници отворено зборуваат за немање почит кон авторитетот и чувство на немоќ кога станува збор за дисциплината. Од прифаќањето на последиците од сопствените постапки до следењето на основните правила во училницата, овие лекции се чини дека се ставени настрана. Со промените во педагогијата и недоволната поддршка од родителите и управата, наставниците честопати се борат да одржат ред наместо да можат да се фокусираат на наставата.
Домаќинство
И покрај предупредувањата на експертите дека вештини како готвење, управување со пари, грижа за облека и вршење домашни работи се неопходни за самостоен живот, предметот домаќинство речиси исчезна од училишните наставни програми. Во систем кој ги наградува резултатите од тестовите, едноставно нема простор за практични животни лекции.
Финансиска писменост
Со исчезнувањето на домаќинството од наставната програма, многу ученици останаа без основно знаење за управувањето со парите. Ако немаат родители кои можат да ги научат на финансиска одговорност, тие влегуваат во зрелоста без разбирање за штедење, трошење и вредност на парите. Училиштата денес ретко нудат систематско финансиско образование, иако тоа е една од клучните животни вештини.
Читање аналоген часовник
Иако дигиталните часовници се практични, истражувањето од Универзитетот во Северна Ајова покажува дека децата кои се потпираат исклучиво на нив имаат проблем да го разберат текот на времето. Аналоген часовник со стрелки им помага да го визуализираат времето и подобро да го разберат неговото течење, но оваа вештина денес се учи сè поретко.
Навигација со хартиена мапа
Според едно истражување, дури 83 проценти од генерацијата З се потпираат исклучиво на паметни телефони и интернет за навигација. Читањето хартиени мапи – некогаш стандарден дел од образованието – речиси целосно исчезна, делумно поради технолошкиот напредок, а делумно поради пренатрупаните наставни програми.
Истражување без вештачка интелигенција
Способноста за спроведување независно истражување, оценување на веродостојноста на изворите и работа со печатени материјали – е исклучително важна вештина. Сепак, учениците сè повеќе се потпираат на интернет и вештачка интелигенција, што ја намалува нивната способност за критичко размислување, решавање проблеми и концентрација. Последиците не се видливи само во академските резултати, туку и во социо-емоционалниот развој.

Бонтон на интервју за работа
Училиштата порано играа улога во подучувањето на основните правила на професионално однесување – од облекување и комуникација до бонтон на интервју за работа. Денес, ваквите лекции се ретки и честопати се достапни само преку приватни часови.
Меморија
Иако меморијата е важна когнитивна вештина, таа сѐ повеќе се занемарува во модерните училници. Со технологијата што овозможува моментален пристап до информации, учениците поретко ја вежбаат својата меморија. Покрај тоа, притисокот да се успее во сè и вклученоста во многу активности, честопати ги остава без време и енергија темелно да го апсорбираат материјалот.
Пресметување без дигитрон
Пред појавата на дигитроните и паметните телефони часовите по математика нагласуваа долги процедури и развој на аналитичко размислување. Денес, овие процедури се практикуваат сè поретко бидејќи технологијата нуди побрзи решенија. Сепак, со ова се пропушта можноста за развој на логика и вештини за решавање проблеми – вештини што одат подалеку од математиката.