Денес, сè повеќе возрасни луѓе одлучуваат да го прекинат контактот со своите родители или блиски членови на семејството поради емоционална токсичност, нерешени конфликти и несогласувања околу вредностите. Многу експерти забележуваат дека таквите одлуки ја одразуваат потребата да се зачува емоционалната стабилност.
Врз основа на истражување спроведено во САД, дури 27 отсто од испитаниците рекле дека прекинале контакт со член на семејството, додека 10 отсто рекле дека тоа е случај со нивните родители или деца. Еве ги првите три причини зошто сè повеќе возрасни луѓе ги прекинуваат семејните врски:
Токсични или навредливи односи со родителите
Една од најчестите причини за прекинување на семејните односи лежи во токсичното однесување на родителите. Многу возрасни, кои го поминале своето детство под притисок или запоставување, избираат да го прекинат контактот за свое добро. Возрасните деца често ги опишуваат своите родители како емоционално деструктивни луѓе, кои не ја прифаќаат одговорноста за своите постапки, туку реагираат со негирање или дури и со повредена гордост.
Еден корисник на „Редит“ го споделил своето искуство велејќи: „Немам контакт со татко ми, маќеата и двете полусестри веќе четири години поради злоупотреба и занемарување. Терапијата ми помогна да сфатам колку навистина ми беше страшно детството и не жалам за прекинот на контактот“.
Родителите често се соочуваат со чувство на негирање кога децата ги објаснуваат причините за престанокот на комуникацијата, бидејќи не се подготвени целосно да разберат што значеле нивните постапки за детето.
Нерешени семејни конфликти и чувства на предавство
Чувството на предавство поради промените во семејната динамика, како што се разводот или новото семејство, често предизвикуваат оддалечување на возрасните деца. Овие конфликти се особено изразени кога родителите покажуваат незаинтересираност за децата од претходните бракови, или кога ги фаворизираат другите деца во новото семејство.

Според истражување, стабилноста во семејните односи е почеста кај родителите кои остануваат во брак во споредба со оние што се разведени или повторно венчани. Во стабилните семејства постои поголема веројатност да се решат семејните конфликти и да се обноват односите.
Несовпаѓање на вредностите и идеолошки разлики
Поради сè поизразените разлики во вредностите, од политички ставови до ставови за ЛГБТК+ заедницата, многу родители и деца стануваат сè пооддалечени. Несогласувањето во основните вредности, особено кога едната страна не ги почитува или ги минимизира верувањата на другата, создава чувство на отуѓеност.
Еден корисник на „Редит“ го опишал своето искуство: „Немав лошо детство, но како што моите родители станаа подесничарски настроени и почнаа да се занимаваат со теории на заговор, сфатив дека не се согласуваме за важни работи. Не сакам да ги изложувам моите деца на тие верувања“.
Прекинот во семејните односи не е секогаш траен, многу семејства се помируваат по одреден период поминат на дистанца, особено со помош на терапевт. Сепак, за оние што не можат да постигнат заеднички јазик, поставувањето цврсти граници може да биде клучно за одржување на менталното здравје.