Сè повеќе деца го користат снегот за активности и спортување, покажува впечатокот на инструкторите за зимски спортови пред крајот на оваа зимска сезона
Да се биде на планина или дел од природата, ги учи децата дека се дел од поголема слика, ги учи да ја ценат природата и нејзините природни добра. Сè повеќе деца го користат снегот за активности и спортување, покажува впечатокот на инструкторите за зимски спортови пред крајот на оваа зимска сезона. Активноста на студено, пак, нуди многу придобивки за најмалите.
Инструкторот за скијање Бојан Серафимовски вели дека за скијањето, движење низ чистиот планински снег и воздух не постои идеална возраст, секогаш е вистинско време да се почне.
– Сепак, во нашата школа примаме деца од 4-годишна возраст како почетници-ученици. Тогаш се стабилни на нозе и имаат сила за почетните скијачки вежби и движења. Па можам да кажам дека најчесто имаме членови од 4 до 7-8 години – објаснува инструкторот.
Заинтересирани за предизвик
Од зимските спортови има многу придобивки – кондиција, агилност, држење баланс, стабилност и се разбира многу дружба, многу чист воздух, што значи многу здравје.
– Скијањето ги учи љубителите на адреналинска треска која мора да ја спакуваш внимателно со посебна грижа за себе и кон сите други учесници на патеките – вели Серафимовски.
И сноубордингот е еден од спортовите што цело време се одвиваат исклучиво на чист планински воздух, под отворено небо, далеку од сите технолошки дистракции. Тој вклучува елементи од сурфањето и скијањето, а е идеална активност, пред сè, поради тоа што го размрдува целото тело и значително го подобрува расположението. Овој спорт носи низа позитивни придобивки – зацврстување на телото, зајакнување на мускулите, подобра флексибилност, координација, држење рамнотежа, јакнење на самодовербата, горење калории, дишење планински воздух, забавување.
Елена Акимовска, инструкторка по сноубординг, вели дека децата сè повеќе се заинтересирани да се пробаат во бордање и дека сноубордингот за нив претставува предизвик кој им носи возбуда.
– Децата што имале можност да посетат скиjачки центар или, пак, веќе научиле да скијаат се заинтересирани да научат да бордаат. Тие се љубопитни и за нив тоа претставува предизвик кој им носи возбуда. Најголем предизвик им е да лебдат по снегот со двете нозе врзани на една штица – вели таа.
На прашањето колку брзо се совладува, вели дека тоа ѝ е најчесто поставувано прашање и од родителите и од децата уште пред да почне часот.
– Сè зависи од моторичките способности на детето и најчесто побрзо ги совладуваме сите елементи за бордање со оние деца што се физички активни во текот на целата година. Инаку, ништо не е тешко кога имате инструктор кој ве води низ процесот и ви помага да ја совладате падината – вели Елена.
Безбедноста на прво место
Нејзиното досегашно искуство покажало дека децата околу 10-11 години се совршени ученици.
– На таа возраст, покрај желба, имаат и концентрација да ги запаметат советите што им ги давам и со секое ново спуштање се сè подобри и подобри. Одлична шанса е и деца на 4 и 5 години првпат да се качат на борд, тогаш движењата ги совладуваат лесно, немаат страв и уживаат во брзината на возењето. Се трудиме процесот на учење да биде забавен и децата да ги засакаат планината и спортскиот начин на живот – објаснува Акимовска.
Безбедноста на децата им е на прво место додека се на планина.
– За деца се потребни патеки кои не се многу стрмни и снегот треба да е добро обработен за да нема препреки при бордањето. На исти патеки може да скијаат почетниците на борд и скии, во секој случај тоа не треба да биде на исто место со деца што се санкаат или, пак, каде што скијаат другите скијачи. И секогаш им препорачуваме на родителите да се има комплет скијачка опрема, односно јакна и панталони кои не пропуштаат вода, ракавици за снег, кацига и очила. Секако, и сноуборд со соодветни димензии за детето и чизми за борд кои не смее да се поголеми или помали од бројот што регуларно го носи детето – ни сподели инструкторката.
912