Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Ќерка ми има четири и пол години и од пред два месеца тргна во градинка. Кога ќе се врати од градинка, бесна е, лута, тажна и само бара причина да се расплаче. Воспитувачката ми кажува дека во градинка јаде и спие, но често знае да се расплаче и воопшто не сака да игра со другите деца. Ако децата играат во дворот, таа седи настрана. Кога се во занимална, седнува и сама си игра. Кога одам некаде со неа, одма трча таму каде што има деца. Вели дека сака да игра со децата во градинка, но се плаши дека некој ќе ја турне или ќе ја удри. Вели дека се плаши од воспитувачките, дека ќе ја караат. Како да ѝ помогнам да се ослободи од стравот и да се впушти во игра и комуникација со другите деца?

ОДГОВОР: Одењето во градинка претставува голема промена и пресвртница за децата. Тоа го означува почетокот на новите пријателства, вклопување во социјалната средина, како и почеток на учењето. Сепак, за некои деца, како вашето девојче, оваа промена може да биде застрашувачко и емотивно искуство. Стравот од другите деца во градинка е чест и разбирлив, детето се соочува со нови деца со различни однесувања, различни навики итн.

Како родител, природно е да сакате да го заштитите вашето дете од какви било негативни искуства. Меѓутоа, за надминување на стравовите, од суштинско значење е да се најде вистинската рамнотежа помеѓу поддршката и дозволувањето на вашето дете да ја развие својата независност. Охрабрувајте го вашето дете да се соочи со своите стравови и обезбедете му алатки за да изгради самодоверба.

Помеѓу желбата да игра и неможноста да се ослободи и вклучи има фрустрација која ја носи дома и ја исфрла од себе со бес, плачење, лутина или тага.

Стравот од другите деца во градинка може да потекнува од различни причини, како што се недостиг на социјални вештини или негативни искуства во минатото.
Од друга страна, размислете дали досега сте биле многу претпазливи и сте ја предупредувале кога играла како: „Пази да не те удрат“, „Пази да не паднеш“, „Немој вака“ или сте биле премногу заштитнички настроени кон неа или пак сте ја карале. Која и да е причината, од клучно значење е да се разбере перспективата на вашето дете и да се потврдат неговите чувства.
Еден од најефикасните начини да му помогнете да го надмине стравот е постепено да го изложувате на социјални ситуации и дружења. Започнете со мали средби за играње со неколку деца, постепено зголемувајќи го бројот на деца со кои комуницирате и оставете полека да се вклопува, да ѝ биде поудобно и посамоуверено околу врсници. Можете да договорите дружење и со некои деца од нејзината група.

Друг начин е да вежбате како да започне разговор, да споделува играчки и да се менува. Играјте улоги, читајте сликовници, книги за социјалните интеракции и дружење. Разговарајте за нејзините чувства во градинка, за тоа што сака, како би сакала да биде, зошто толку ѝ е страв од воспитувачките, што би можело да се случи. На тој начин ќе откриете што ја мачи и како размислува. Потврдете ги нејзините чувства, дека е во ред да е исплашена, но дека сте тука за да ја поддржите и да ѝ помогнете да биде послободна во дружењето со другите деца.

Разговарајте за ситуации во градинка: „Што мислиш, како се чувствуваше Сара кога го направи тоа? Што можеше да направиш наместо тоа?“ Дајте ѝ време да размисли за нејзиниот одговор, а потоа понудите предлози. Би било добро почесто да ѝ кажувате: „Имам верба во тебе“, „Знам дека можеш да се справиш“, „Креативна си“, „Ти си добра другарка“, „Ти си многу забавна“, „Кога правиш грешка, те сакам“, „Ме интересира што мислиш“ итн.

Разговарајте со воспитувачките за да ја разберете динамиката во градинка и кажете како се чувствува вашето дете.
Останете смирени и позитивни пред вашето дете. Вашиот емоционален одговор може да влијае врз нејзиното однесување, па од клучно значење е да се моделира и усвојува позитивно и самоуверено однесување. Останете позитивни и трпеливи, славете ги нејзините достигнувањата.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X