Дури 39,8 отсто од родителите што ги вакцинираат децата се плашат од вакцините, покажа нашата анкета

И покрај тоа што одлучиле да ги вакцинираат децата, голем број од родителите се плашат кога станува збор за вакцини. Дури 39,8 отсто од родителите што ги вакцинираат децата се плашат од вакцините, покажа анкетата на Деца.мк. Лекарите објаснуваат дека е разбирлив стравот зашто се соочуваат со, иако неточни, како што велат, многу застрашувачки информации за вакцините. Во исто време дел од лекарите со кои се советуваат знаат да покажат несигурност кога станува збор за имунизацијата на децата.


– Страв ми е зашто има многу информации за тоа дека вакцините се штетни – пишува анкетиран.
– Страв ми е од реакции и нуспојави – пишува друг.
– Страв ми е поради квалитетот на вакцините што се набавуваат – пишува трет.
– Сето она што го слушнавме и прочитавме на социјалните мрежи е доволно да внесе страв. Не залудно се вели дека кај што има чад, има и оган. Ама не ни се ризикува да е незаштитено детето – вели читател.


Д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог, вели дека нејзина лична перцепција е оти родители се плашат зашто се соочуваат со неточни информации на социјалните мрежи.
– Има луѓе што имаат моќ да шират дезинформации или да ги убедуваат другите во она во кое веруваат, иако тоа не е точно. Провејува чувството дека на родителите им е страв. За вакцините треба да се разговара со медицински лица кои се специјализирани во оваа област. Има здравствени работници што покажуваат несигурност со тоа што одобруваат родителите да одложат некоја вакцина, а нема причина за тоа. Треба да се доедуцираат во оваа област – вели докторката.
Инаку, анкетата покажа дека детето или децата да им примаат вакцини одлучиле 85,2 проценти од анкетираните 1.054 читатели. Не дозволуваат вакцинирање 14,8 проценти од оние што одговориле на анонимната анкета на Деца.мк. Добивме одговори најмногу од родители чии деца се на возраст кога се примаат вакцини. Речиси половина (49,8 проценти) од оние што одговориле на анкетата имаат едно дете, а 41,3 процент имаат две деца. Осум проценти од анкетираните имаат по три деца, 4 проценти – четири деца, а другите повеќе од четири.
Најголем дел од анкетираните што не ги вакцинираат своите деца, за вакцините, како што одговориле, се информирале на интернет, на социјалните мрежи. Дел одговориле дека информации добивале од лекари, од пријатели што се родители, од литература за која велат дека е стручна, од родители чии деца, како што пишуваат, имале последици од вакцини…



912

X