Моите деца имаат 14 и 16 години и откако се преселивме во богато предградие, благодарение на унапредувањето на татко им, тие навистина ги променија своите карактери на начини кои мене не ми се допаѓаат. Никогаш не зборувале лошо за другите луѓе што не биле доволно среќни за да бидат финансиски стабилни, а сега ги карактеризираат како сиромашни, што за мене е срамно. Ниту мојот сопруг ниту јас не сме пораснале во богати семејства.
Мајка ми беше самохран родител, како и мајката на сопругот Крег, па сме поминале низ тешкотии. Моите деца не знаат ништо за штедење или да мора да се откажуваат од многу работи што ги сакаат. Се сеќавам кога мајка ми навистина се бореше да има доволно храна за мене и за брат ми, а за неа остануваа само остатоци. Бевме изложени на тешки животни искуства за кои моите деца немаат поим.
И двајцата прераснуваат во ужасни снобови. Мојата ќерка ги осудува другите девојчиња што носат облека која таа смета дека ја носат сиромашните луѓе и ги нарекува со погрдни имиња. Засрамувачки е и тоа не е начинот на кој ја воспитував. Се обидов да ѝ објаснам дека не е во ред да гледа со понижување на другите луѓе, но не ме разбира. Ѝ реков дека животот се менува и дека може утре да се најде во ситуација да нема пари или да ја изгуби работата. Но, таа само ми се насмеа и рече дека ќе побара од татко ѝ да продаде некој од неговите автомобили и ќе ѝ ги даде парите.

Мојот син не е ништо подобар и дава коментари за она што го носат неговите другари. Сигурна сум дека и други родители се чувствуваат вака. Тешко е да се воспитуваат деца, а јас не им давам апсолутно сѐ што ќе посакаат, но тоа го прави мојот сопруг. Верувам дека се чувствува виновен што не поминува доволно време со нив и многу работи, па им дозволува да се извлечат со таквото однесување. Мојот син дури ја искоментира „сиромашната“ облека на моја пријателка додека вечеравме, а јас се разлутив. Му реков дека таа е многу вредна жена која била изневерена и оставена од сопругот, па сега работи напорно за своите 4 тинејџери и дека не смее да ја критикува. Го прашав како би се чувствувал тој да е во нејзина позиција и да се мачи да плати кирија секој месец? Мојот син само ги крена рамената. Има само 14 години, па знам дека не треба да бидам многу строга кон него, но ме вознемирува што гледам дека моите деца прераснуваат во снобови и не знам што точно можам да направам за да го сменам тоа.
Автор: Сали Хант