Ќерката на Георгиева-Павловски, која била на привикнување во оваа градинка, постојано била вознемирена, а на прашањата на мајката зошто не сака да оди во градинка одговарала: „Децата што не слушаат стојат во шкаф или пред шкаф“. Ова било аларм за мајката-педагог дека нешто несоодветно се случува во градинката

Тригодишно девојче од Ново Лисиче се плаши да оди во градинката „Буба мара“ бидејќи негувателките наводно ги затворале децата во шкаф, но и физички ги казнувале, обвинува мајката Марија Георгиева-Павловски.
Директорката на градинката за Деца.мк вели дека е запознаена со случајот и дека во тек е истрага. Ако се покаже дека има несоодветно постапување од страна на вработените, ќе има дисциплинска постапка.

Детето било на привикнување

Ќерката на Георгиева-Павловски, која била на привикнување во оваа градинка, постојано била вознемирена, а на прашањата на мајката зошто не сака да оди во градинка одговарала: „Децата што не слушаат стојат во шкаф или пред шкаф“. Ова било аларм за мајката-педагог дека нешто несоодветно се случува во градинката.
– Бидејќи сме нови, родителите ме вклучија во вибер-групата и веднаш забележав порака од родител кој праша дали децата навистина ги ставаат во шкаф ако не се умни. Друга мајка додаде: „За да ги јадат бубачките“. Па се јавија други со муабет: „Деца се, можеби измислуваат“. Значи повеќе деца кажале дека биле затворани во шкаф – раскажува Георгиева-Павловски.

На 25 септември, раскажува таа, ја зела ќерка си вознемирена од градинка, а од други дечиња од групата дознала дека една од учителките ја удрила по глава зашто плачела по мајка си.
Следниот ден повторно ја однела, но не сакала да влезе во градинката. Кога ја зела, една од учителките ја известила дека дента избегала од занималната, но не ѝ кажала каде избегала.


– Кога отидовме дома и ја прашав што се случува, ги затвори ушите и гласно плачеше и ги повторуваше зборовите: „Не прашувај ме, ми рекоа дека не смеам никогаш да кажам“. Цела ноќ ми спиеше в раце, дете кое инаку само спие во соба. Потоа, од неа, низ игра дознав што се случило. Била исплашена од педагошките мерки на учителките, па избегала од занималната. Кога ја нашле, ја удриле, таа вели по глава и нога. Почнала да плаче, а една од учителките и ја затворила устата со рацете за да престане. Детето се скрило под маса – вели мајката.
Кога се соочила со учителките, тврди дека ниту една не одрекла сѐ што кажала.
– Бев изненадена од смелоста на одговорот кога кажав дека ќерка ми плаче бидејќи е исплашена дека ќе ја стават во шкаф. Една од учителките ми одговори: „Другите ги ставам во шкаф, но неа ја немам ставено“. Која смелост е да се признае ова како казнена мерка за 21 век – прашува мајката.
Таа е загрижена за своето дете и затоа ја отпишала од градинката.
– Ќерка ми не сака да го слушне зборот учителка. Плаче тивко скриена зад завеса, затоа што некој ѝ ја затворал устата и ѝ кажувал дека не смее да плаче гласно. Зарем учител треба да удира дете што плаче за да се смири- прашува револтирано Георгиева-Павловски.

Негувателките негираат дека тепале и затворале деца во шкаф

Родителите имале средба со директорката на градинката, Елена Устамитова. Таа ветила дека ќе го испита случајот, а мајката испратила писма и до Општина Аеродром и до Министерството за труд и социјална политика.
Директорката Устамитова, која ни ги презентираше документите во постапката, вели дека досегашната истрага покажува дека децата не се физички малтретирани, ни затворани во шкафче. Таа објаснува дека постои Протокол како се поставува во вакви случаи. Во рок од еден месец, откако ќе се испитаат и децата од страна на педагошките служби, ќе има конечен одговор дали некоја од негувателките постапувала неодговорно. Тие официјално дале изјави во кои негираат дека удирале деца и дека ги затворале во шкаф.
Снимките од надзорните камери покажале дека детето не избегало надвор од градинката, туку дека било скриено внатре.
– Земавме изјави од колешките, земени се изјави и од родителите. Стручната служба сега работи за да го реши проблемот. Испочитувани се сите протоколи – вели Устамитова.

Директорката испратила писмо со известување за случајот и до родителите и до Општината. Во него стои: „Ве известуваме дека согласно Протоколот за постапување во случај на настанат инцидент во градинката, од страна на директорот и стручниот кадар се преземени мерки, спроведен е разговор со родители и со вработените. Земени се изјави од нив и согласно актите на градинката, ќе се преземат соодветни дисциплински мерки“.

Устамитова објаснува дека дисциплински мерки ќе има ако се утврди вина кај негувателките.
– Ние сме уште во процедура. Според Протоколот, имаме еден месец за да испитаме ваков случај. Во моментов децата, како и работата на негувателките, се под опсервација на стручната служба од градинката. Потоа ќе одлучиме дали дисциплински ќе се казнат учителките – објаснува таа.
Бидејќи во занималната нема камери, случајот практично треба да го реши стручната служба (педагог и психолог) врз основа на однесувањето на децата.

Директорката вели дека лично не верува дека некоја од учителките би се осмелила да затвора деца во шкаф.
– Никој не смее да удри деца, да навредува и да ги плаши. Според Закон, има парична казна за тоа и престанок на работен однос.
Во оваа градинка пред извесно време имало случај со друга негувателка која истепала дете и поради тоа ѝ бил прекинат договорот за работа.
– Во овој случај имавме докази и тој брзо се реши. Имаше слики од детето, со повреди, изјава друга колешка што била сведок. На вакви луѓе не им е местото меѓу деца за да ги воспитуваат и да ги чуваат. Затоа нема да дозволиме, ако навистина се покаже дека имало вакво малтретирање на децата, тие вработени да продолжат да работат тука. Наша работа е безбедноста на децата, да постапиме правично и се разбира сѐ ќе биде во интерес на децата – вели Устамитова.

Мајката, пак, вели дека случајот ќе го тера докрај, иако нејзиното дете веќе не оди во оваа градинка.
– Многу ми е жал што ја отпишав од претходната градинка. Во оваа ја запишав бидејќи ми е поблиску до местото на живеење. Децата се одгледуваат со љубов, се знае како треба да се реагира кога некој не е мирен и не слуша. Со пренасочување на вниманието кон друга активност. Има еден куп мерки што им стојат на располагање на учителките, но заплашување, удирање, затворање усти, тоа не – завршува Георгиева-Павловски.

Со соопштение за овој случај се огласи и Општина Аеродором.
– Најстрого осудуваме секаков вид насилно и несоодветно однесување кон децата и сме посветени на целосно расчистување на овој случај.

Оттаму информираат дека е најавена и вонредна инспекција од Секторот за инспекцски надзор за детска заштита при Министерството за труд и социјална политика.



912

X