Игротека

Се кријат зад завеса за да работат, во тоалет за малку мир… Како Кинезите се справуваат со децата, изолирани поради коронавирусот

Новинарка објаснува како се снаоѓа со своите деца и нивните стравови додека се затворени во мал стан во Шангај поради коронавирусот.

– Како и повеќето родители во Кина, кога не ги читам најновите вести за епидемијата, ме опседнува друго прашање: Како ќе преживеам уште еден ден со моите деца затворени внатре? Низ Кина, карантинот е норма за справување со вирусот. Повеќето родители се плашат да ги пуштат децата надвор дури и накратко и никој не знае колку долго ќе трае ова. Пред неколку дена слушнавме дека училиштата нема да почнат со настава до март, а можеби и подоцна. Наставниците испраќаат електронска пошта за сето она што треба да го сработат учениците. Но, како да завршиме што било додека се грижиме за своите деца?

Родителите споделуваат видеа и информации во онлајн-групи за поддршка, како и смешни видеа од „Тик Ток“. Карина Фелдмен, мајка од Бразил која работи во приватно училиште во Шангај, објави како нејзиниот петгодишен син го прекинал конференцискиот повик со нејзиниот шеф и колеги кога влегол во собата и извикал: Ми се кака!

Да се обидувате да водите бизнис е исто така стресно. Мојата пријателка Лота Лагердал, која е претприемач од Шведска и има четиригодишна ќерка, вели дека ситуацијата тука е катастрофална.

– Единствен начин на кој можеме да работиме е кога децата спијат, вели Лота. Хилари Хан, која има компанија за дигитален маркетинг во Шангај, вели дека нејзиниот син, кој има една година, ако види дека ја нема пет минути, веднаш ја довикува. Таа раскажува дека нејзиниот распоред и работните повици се одвиваат во текот на ноќта или додека детето спие преку ден. Таа и нејзиниот сопруг се од рурална провинција Хубеи, блиску до центарот од каде што се појави епидемијата, а во нејзиниот двособен стан се и нејзините родители. Дошле за Кинеската Нова година и сега не е можно да се вратат дома дури до април, а можеби и подоцна.

Нејзината спална соба е трансформирана во кино за нејзините родители, додека дневната соба е за играње. Родителите ѝ помагаат, но кога треба да работи, се крие зад завесата од балконот за нејзиниот син да не ја види. А како врв на сето тоа, загрижени сме за вирусот – за оние што се заболени и оние што се изложени на ризик да заболат. Волонтери постојано патролираат, ги потсетуваат сите да останат внатре, а и да носат маски ако излегуваат. Улиците се речиси празни, многу продавници се затворени, а се забележуваат само неколку автомобили. Децата нема каде да излезат и да играат.

– Нашето семејство беше во изолација откако се вративме во Шангај за Кинеската Нова година. На почетокот си реков дека мора ќе останам смирена за доброто на децата. Мојата седумгодишна ќерка и мојот четиригодишен син се радуваат на дополнителното внимание и си играат заедно. Но, како што поминува времето, сите малку полудуваме. Излегуваме само накратко да возиме велосипед или да играме со топка пред станот. Се обидував да имам забавни активности со нив, но и покрај моите најдобри намери, согледувам дека трпението ми е при крај. Секое утро ме прашуваат дали може да го користат својот „ајпад“, а јас инсистирам да напишат домашна задача. Некогаш се кријам во тоалетот за да имам малку мир.

„Навистина сочувствувам со децата“, вели д-р Џорџ Ху, американски психолог и шеф на одделението за ментално здравје во болницата во Шангај, чии деца на возраст од четири и девет години се дома. Тој вели дека родителите што имаат деца и се заглавени дома треба да си дадат пауза. „Никој од нас не е совршен, но оваа ситуација некако ги потенцира недостатоците. Треба да се грижиме за нашето ментално здравје“. Ху препорачува да се направат распореди. „Структурите им даваат на децата чувство дека нема сè да тргне наопаку. Добро е да се потпирате на нешто“.

Роман Ленг живее во Шангај, но ја посетил провинцијата Џиангсу за празниците и сега не може да се врати. Повторно ѝ се вратила на работата, но сфатила дека навиките на овој „семеен одмор“ станале нездрави. „Јадевме сè што сакавме, спиевме каде што сакавме. Но, донесов одлука: Мора да воведеме чиста рутина во нашите животи – кое време да стануваме, да јадеме, учиме, да учиме англиски, да работиме, да гледаме телевизија и да се обидеме да го следиме овој распоред. Секој се чувствува како работите да се нормализираат, а моето дете се буди знаејќи што ќе го очекува тој ден“, вели Роман.

Вежбањето е исто така важно. „Кога постојано сме внатре, нема ослободување на енергијата од нашето тело“, објаснува Барбара Попел, едукатор и консултант за детски развој во Шангај. „Почнавме да чувствуваме силни емоции, а сите околу нас го губеа трпението и сакаа да си го видат семејството“. Попел препорачува семејствата да одвојат време за вежбање секој ден – користејќи онлајн-видеа, музика или игри со движење, како и да му одолеат на искушението да им дозволуваат на децата постојано да седат пред екраните.

фото: Ребека Кантор

Додадената неизвесност во врска со коронавирусот, како и одговорите на владата, предизвикуваат сите да се на крај со нервите, а седењето во мали простории го зголемува стресот. Здрава комбинација од поминато време заедно и одвоено е клучна и за децата и за возрасните, советува Попел.

Хуи Јанг, научник од Нанџинг кој често патува поради работата, вели дека открил и нешто позитивно во настанатата ситуација со својата тригодишна ќерка. „Пред ова, кога ќе заминев од дома, таа сè уште спиеше, а кога ќе се вратев, веќе беше во кревет. Навистина ги вреднувам овие две недели што ги минувам исклучиво со ќерка ми“. Заканата од епидемија предизвикала нивното семејство да ги промени навиките, а ќерката да си игра со него. „Како да е нуклеарна фузија. Треба да поставите надворешен притисок и топлина за да се случи. Чувствувам дека оваа епидемија е како надворешна сила која помага сите да се зближиме“.

Оставајќи ги работата и телефонот, и обрнувајќи им внимание на децата, сфатив дека поминувањето време со нив не треба да биде товар. Откако кризата нè држи затворени дома, ги научив како да прават домашни тестенини и правевме хемиски експерименти, спиевме во тврдини, игравме игри и јадевме сладолед за појадок.

Во Шангај, во нормализирана состојба, секојдневниот живот се состои од брзање за да се стигне на училиште и за средби со пријателите. Сега кога сме принудени да забавиме, имаме можност да се фокусираме на заедничкото време. Овие моменти ќе имаат специјално место во сеќавањата на моите деца. А и јас се потсетувам да ги вреднувам овие моменти. Ветувам дека ќе го правам тоа – откако ќе завршам со криење во бањата.

Автор: Ребека Кантор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top