Препораките се оваа година празниците да се слават во кругот на семејството, а семејниот круг се луѓе што живеат заедно, вели психологот и семеен советник Софија Георгиевска

Виртуелни зум-дружби, пижама-забави со најблиските, филмски маратон… Годинава празничниот период ќе изгледа поинаку. Со многу ограничувања, без прослави на плоштад, клубови, со малку огномети или без, дома, во интимна атмосфера.
Божиќната трпеза нема да биде богата како секоја година. За помалку луѓе е потребна помалку храна.

Дома е најбезбедна опција

Во годината на многу неочекувани работи, можеме да бидеме сигурни дека се очекува едно нешто – промена, вели Софија Георгиевска, професор на Филозофски факултет, психолог и системски семеен советник.

– Ноември и декември се месеците кога улиците и плоштадите во градовите и продавниците обично почнуваат да се украсуваат, а ние исто така се подготвуваме за поголеми забави. Но, оваа година пандемијата поставува нови правила. „Нема место како дома за празниците“, вели познатата мелодија и навистина, додека се движиме во сезоната на зимски празници во ерата на Ковид-19, експертите низ целата земја инсистираат на тоа дека останувањето дома е најдобрата и најбезбедна опција. По неколкумесечна изолација, економска вознемиреност и пандемски замор, сосема е разбирливо дека луѓето копнеат по прегратки со членовите на семејството и огромни количини јаглехидрати – вели Софија.

Празниците се традиционално време за дружење, семејни собири, мирис на штотуку испечени колачи, време кога се планираат активности за најмладите и се украсува. Сепак, во време на празници, често се споменува еден несакан гостин – стрес – „спакуван“ во име на празничната депресија.

Подароците нека бидат изненадување

Празничната депресија психолозите ја поврзуваат со осаменоста, а осаменоста и социјалната дистанца се двата термини кои најчесто се слушаат овие денови кога многумина се во самоизолација.

– Оваа година прославата за празниците ќе биде малку поинаква, но не и полоша. Сè е поинаку во „годината на корона“. Иако повеќето родители се обидуваат да ги заштитат своите деца од промените во секојдневниот живот, децата го чувствуваат тоа на свој начин. Новогодишните и божиќните празници можат да бидат идеален период да им се посветите на децата, користејќи ги епидемиолошки препораки за доброто на вашето семејство. Како прво, купувањето подароци од кои се составуваат новогодишни пакетчиња не мора да биде во големи трговски центри, каде што зголемената концентрација на луѓе претставува голема опасност од можна инфекција. Разговарајте со децата за нивните желби, кои подароци би биле интересни и што би ги израдувало, но и забавувало. Предложете им на децата фамилијарни игри („Монопол“, карти, „Не лути се, човеку“…) кои ќе ви помогнат да ги поминете долгите зимски денови подобро, но што е најважно – заедно.

Доколку постои можност да нарачате подароци преку интернет, сторете го тоа. Ова го намалува ризикот од инфекција. И, ако случајно некои од нетрпеливо очекуваните подароци не можат да се купат преку интернет, еден родител нека оди во шопинг (почитувајќи ги сите препорачани мерки), по можност во продавници што не се во големи затворени простории (трговски центри). Пред тоа прашајте добро во која продавница го има посакуваниот подарок за да избегнете „лутање“ од продавница до продавница. Не носете ги децата на шопинг, дефинитивно е подобро да го поминете времето шетајќи низ паркот и на отворено. Подарокот нека биде изненадување – споделува Софија.

Украсување со рачно изработени украси

За новогодишно украсување на вашиот дом користите накит и украси што веќе ги имате, ако нешто ви недостига, импровизирајте со своите деца.

– Од празните кутии што ќе ги украсите заедно можете да направите „замок од соништата на принцезата“ или „феноменална гаража“ за паркирање камион и автомобил за вашето момче. Со едноставни бели хартии може да се направат сјајни sвезди, снегулки или „џуџиња“ што децата ќе ги обојат и со кои ќе можете да ги декорирате вашите прозорци. Направете снегулки од памучна волна и ставете ги на елката. Фантазијата е незапирлива, а заедничката игра го поттикнува развојот на детето и создава поголема блискост помеѓу членовите на семејството. Слика со Дедо Мраз секако дека е убав спомен, но во овој момент не е неопходна. Избегнувајќи метеж, намалувајќи го бројот на контакти, ќе го зачувате здравјето на вашето семејство. Во зависност од возраста на децата, тато може да се маскира во Дедо Мраз, па така вие можете да ја играте играта „Мистерија на Дедо Мраз“, каде што децата нема да го видат затоа што е недостижен, а тој (или поточно вие) мистериозно ќе остави траги (подароци) насекаде во станот – додава семејниот советник Георгиевска.

Создајте семејна магија

Новогодишните и божиќните празници традиционално значат собирање на семејството, пријателите, заеднички ручеци, прослави – но од сите препорачани мерки за превенција, некако „најдосадно“ е избегнувањето на социјалните контакти. И тоа е сосема разбирливо. Но, со средбите со семејството и луѓето што ги сакаме можеме да бидеме малку трпеливи за повисока цел. Препораките се оваа година празниците да се слават во кругот на семејството, а семејниот круг се луѓе што живеат заедно, потенцира семејниот советник.

– Но денес, веќе сите ги научивме современите средства за комуникација, па така можеме да им дозволиме на нашите деца да бидат во постојана „врска“ со бабите и дедовците и луѓето што ги сакаат. Може да биде интересно за децата да добиваат пакети (подароци) по пошта. Побарајте од семејството и пријателите да го напишат името на детето на пакетот и кога ќе пристигне, детето ќе се чувствува почитувано, сакано и важно. Исто така, замолете ги сите да ги почитуваат вашите епидемиолошки правила и поставете ги така што ќе ве штитат сите вас. Долгите зимски денови бараат дизајнирање на сите видови активности за деца. Искористете го времето за да ја создадете вашата семејна магија, околностите се многу поразлични отколку порано, но децата ќе ги запомнат токму затоа што учествувавте повеќе заедно и неограничената детска (и вашата) имагинација ја претворивте во празнична магија – објаснува Софија.



912

X