Мајка на едно девојче со Даунов синдром споделила случка што ја доживеала на детско игралиште.
„Ова е мојата ќерка Теодора, дете како и секое друго, но со вишок хромозом кој ѝ прави различни проблеми“, ја започнала својата објава Марија Марјановиќ од Србија.
„Но, таа исто така сака да си игра, да се смее, да трча, да игра криенка, да се шегува… Како и секое друго дете. Е, кога ќе почне да игра со други деца, најчесто или ја исмејуваат или бегаат од неа. Таа не е свесна за тоа, што е добро за неа. А мене срцето ми се кине. Ги учам и другите деца и неа како да си играат заедно, но некако не оди“, напишала мајката, па го опишала настанот што ја повредил.
„Вчера се случи врвот, останав без текст! Бевме на игралиште пред нашата зграда, познато ѝ е од раѓање. И познати ѝ се децата. Се сокри во куќичка, а 5-6 деца дојдоа околу неа и ја задеваа. Таа мислеше дека си играат, а тие зборуваа сешто, дека е чудовиште, „види какви ѝи се очите, ајде да ја задеваме“. Јас не реагирам, стојам на еден метар од нив. Ги оставам да видам до каде ќе одат. А тие почнуваат да се договараат следниот пат кога ќе излезе пред влезот, да ја истепаат! Е, тогаш изреагирав“, опишала мајката.
„Кои се тие монструми од деца?! Какви луѓе ќе станат?! Зошто да ја истепаат Теодора, дете со попреченост, која не им прави ништо, само си игра! Што е следно?! Навистина е голем потфат да одгледувате дете со попреченост во Србија, а да не полудите“, заклучила таа.
Марија е претседател на здружението „Best Buddies Serbia“, организација посветена на деца и возрасни со попреченост во развојот. Нејзината објава се проширила на социјалните мрежи и трогнала многумина.
„Не можам, рацете ми се тресат додека го пишувам ова, солзи ми одат на очи и се прашувам кои се тие деца, кои се луѓето што ги одгледуваат тие деца, што има во нивните глави? Зошто едно дете би имало потреба така да омаловажува друго дете бидејќи на некој начин е различно, да повикува на линч меѓу нив, од која било причина? Кои сме сите ние, какви деца воспитуваме!!“, прашува актерка што ја прочитала објавата.