Во текот на еден работен ден слушам приказни кои се помалку или повеќе секојдневие, проблеми и настани од животот на луѓето. Многу од нив се неисцрпен извор на поучни заклучоци од кои можеме многу да научиме и да ги примениме во сопствените животи, затоа што онаа поговорка – полесно е да учиме од туѓите грешки – навистина е точна.
Еден сосемa обичен ден се сретнав со едно момче на некои 25 години, дојде кај мене да проба да го реши проблемот со кој се соочува цел живот. Бев трпелив и го ислушав докрај целото негово раскажување на животната приказна која, морам да признам, не ме остави рамнодушен. Па, да почнам од почеток, рече тој…
Паметам кога бев дете, бев многу немирен. Цело време мораше некој да вика по мене и неретко да ме натепа затоа што не можеа да ме остават пет минути, а да не направам некоја глупост. Честопати моите игри завршуваа со последици материјална штета или повреда, но памет никако не ми доаѓаше. Сега се присеќавам на тоа време и со сигурност можам да кажам дека тогаш чувствував вина, се чувствував виновен за сѐ, а најтешко ми беше што се чувствував виновен што постојам затоа што на сите им бев проблем, освен на мојата мајка, која имаше разбирање за мене, иако душата ѝ ја вадев со моите постапки. Да не го заборавам и дедо ми, кој исто така го разбираше проблемот со мене, па многу мудро изнаоѓаше начини со кои успешно го држевме под контрола, најчесто физички ќе ме измореше, па немав сила да ги правам секојдневните проблеми.
Го слушав ова и сакав да го прекинам со едно свое мислење и видување за што всушност станувало збор, но се повлеков бидејќи целата приказна стануваше сѐ поинтересна.
Како во сон се сеќавам на неколкуте недели поминати во градинка и мојата воспитувачка со директорката како разговараат со мајка ми дека толку било, мора да ме отпишат од градинка, и кажаа: „Тој не само што е проблем сам за себе, туку е проблем и за другите, невозможно е да остане… барајте друго решение каде сакате…“, тоа беа последните зборови од предучилишното воспитување во градинка. Сѐ до училиште за мене се грижеа моите дедо и баба и некако стигнав и до тој фамозен прв училиштен ден, кој ќе го паметам како една болка длабоко во себе, не затоа што тој ден им го направив забавен и интересен на сите во училницата туку затоа што ги направив тажни моите родители, кои седеа таму со другите. Сите прашуваа чие е ова немирно дете, па ова зарем ќе учи во ова одделение… А моите тажни и посрамотени родители своите погледи ги упатија кон подот на училницата и немаа сила да направат нешто. Mислам дека едноставно им доаѓаше да станат и да си заминат затоа што јас не можев ниту една минута да седам како сите други деца, ниту една минута не поминуваше, а да не излезам од училницата и повторно да влезам додека останатите соученици ме гледаа и се кикотеа. Мене едноставно нешто не ми дозволуваше да седам мирен, во мене се случуваше нешто што не го разбирав, нешто поради кое не бев како другите деца.
Во училиште не бев прифатен од моите соученици, се дружев со неколкумина што имаа разбирање за мене, исто како и наставниците, меѓу кои неколкумина многу добро ме сфаќаа, но повеќето ме исмејуваа и секогаш ме посочуваа како пример за тоа како не треба…
Неколку години пред средното училиште нагло се промени целата ситуација и одненадеж се повлеков во себе и конечно станав мирен. Смиреноста не значеше и крај на проблемите. Сега посилно беше чувството на безвредност и безволност, едвај чекав да си дојдам дома и да се затворам во својата соба. Ги избегнував луѓето затоа што стравував да не бидам осудуван и критикуван, живеев некако делумно, не онака како што јас посакував – слободен и без грижа на совеста.
Непосредно пред да се запишам во средно училиште се соочив со првиот панично-анксиозен напад. Мислев дека умирам или дека се разболувам од некоја смртоносна болест. Таа година ги направив сите можни медицински прегледи и испитувања, а на крај излезе дека сѐ е во ред со мене и дека едноставно се работи за нереален страв кој ми прави проблеми што реално не постојат.
Кога се мете дворот наместо да се собере и фрли отпадот, честопати нечистотијата знаеме да ја затуркаме лево-десно, па така и јас проблемот го прикрив некаде настрана и си реков себеси дека го нема, но подоцна се покажа спротивното.
Средношколските денови беа едни од најсреќните во мојот живот, тогаш се појави првата љубов, чувството за прифатеност и припадност беше тука, во мене, конечно бев среќен. Но, секогаш имаше едно „но“ во мојот живот. Проблемот со стравот од осуда и нарушеното внимание беа тука, ама сега некако не ме загрижуваа затоа што и онака имаше многу соученици со слаб училиштен успех, па јас бев дел од целата таа слика.
Некаде пред крајот на средното училиште почнав амбициозно да размислувам за иднината, непрестајно ми се нижеа планови за тоа што сакам да работам и така одлучив да студирам. Одеднаш се најдов во стапица, ги немаше повеќе сигурноста и комфорот од средношколските денови, бев оставен сам како среде пустина да се снаоѓам како знам и умеам.
Факултетот на почеток ми беше огромен предизвик, како да ги совладам моето невнимание, чувството на потреба од непрестајно размислување за небитни работи, а да внимавам на тоа што треба да се научи. Не беше едноставно, па некаде на средина од првата година се откажав од факултетот и дозволив да ја изгубам битката со себе.
На проблемите како да не им се гледаше крајот, покрај стравот, сега и депресијата ме притисна, ја чувствував како ме дави секој ден, не ми даваше да дишам слободно. Се будев секое утро со нејзиното присуство за да ме потсети дека е тука за секој случај.
Одеднаш се видов себеси како еден безнадежен човек без никакви цели и амбиции, почнав да размислувам како не ми се живее и ми беше преку глава од сѐ, само сакав што побрзо да заврши оваа агонија. Тоа беше точката од која немаше понатаму, морав да одлучам по кој пат ќе продолжам, за на крајот да најдам еден психијатар, кој првин ми пропиша лекови и ми рече дека ќе се погрижи да го решиме заедно проблемот во кој се најдов. Неколку месеци разговаравме, правевме разноразни испитувања, тестови и на крајот заклучокот беше дека ова е проблем со кој сум роден, јас сум лице со нарушено внимание или ADD, а сега на дваесетгодишна возраст првпат ми соопштуваат нешто што ги објаснува сите животни ситуации за кои немав одговор. Како пред мене да се отвори голема порта преку која можев многу јасно да погледнам наназад, но и напред во мојот живот. Сега ми беше јасно зошто понекогаш мислите ми беа во една друга димензија каде што само јас можев да разберам што се случува, но мене никој не можеше да ме разбере. Почнав да ги собирам деловите од мојот живот како една сложувалка која полека ја составував и првпат имав задача да направам нешто конкретно.
Се прашувам дали ќе беше нешто различно ако ми дадеа дијагноза додека бев дете, дали ќе бев нешто повеќе од тоа што сум денес или барем немаше да ги тргам маките низ кои поминав.
Целата приказна што ја раскажа ова момче ми отвори голем број дилеми и размислувања. Важноста на правилната и навремена дијагностика на развојните проблеми во детската возраст е до толку голема колку што е и самата имунизација важна за децата.
Имено, правилната дијагностика поткрепена со правилен третман има превентивен ефект врз подоцнежното евентуално појавување на неврози, па дури и психози кај лицата што биле оставени без никаков третман и поддршка. Најчесто децата со синдром на нарушено внимание ADD се разликуваат од своите врсници, покажуваат исто ниво на интелект, но имаат нарушена когниција. Тоа што за сите други е рутинска работа, за нив е вистински предизвик.
Ова развојно нарушување кај децата е сѐ почесто и создава голем број дополнителни проблеми доколку немаат никаква помош за да го надминат, како во случајот со момчето што ни ја раскажа својата приказна.
На крајот ќе се вратам на почетокот и ќе повторам дека учењето од туѓите грешки е полесниот пат на учење, затоа не дозволувајте и вашите деца да го искусат горчливиот вкус на животот тогаш кога треба најмногу да му се радуваат.
912