Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам две деца, едното има 9 години, а другото 6. Почнав да се чувствувам како лош родител бидејќи секој ден само викам, а понекогаш знам и да ги плеснам. Не знам што се случува, константното викање доведе до тоа да не можам никако да допрам до нив и секогаш само кога ќе повишам тон, тогаш ме разберат. Дајте ми совет како да се вратам во нормала и како да се смени ситуацијата да можеме со убаво да се разбираме бидејќи забележав дека и меѓусебно почнаа да се надвикуваат.

ОДГОВОР: Како што растат, децата почнуваат да се борат за својата независност, за своите интереси и барања, за својот интегритет, па тоа понекогаш ги прави бунтовни или отсутни, односно незаинтересирани за родителските насоки и очекувања. Комуникацијата со нашите деца е нешто што се гради од самото нивно раѓање. Потсетете се како досега успевавте да ги дисциплинирате. Потсетете се како секое од децата претходно реагираше на вашите воспитни насоки и вештини. Што правевте за да ја одржите вашата врска здрава и цврста?

Направете ретроспектива на настаните и размислете кога точно почнавте повеќе да викате и да го повишувате гласот со цел да ги дисциплинирате. Дали можеби во тој период вие како родител се соочивте со некоја своја личносна или, пак, животна промена, менување на работното место, преселба или слично.

Размислете и какво беше нивното однесување до моментот кога се појави константното викање. Дали можеби ова е одраз на рано невоспоставена дисциплина и поставени граници или, пак, можеби кај секое од децата се забележува посебно и некарактеристично однесување. Дали можеби вашите деца се преокупирани со „Јутјуб“, видеоигри и технологија, па тоа ги прави непримечиви. Треба да знаете дека децата се однесуваат лошо кога се чувствуваат лошо.

Одлично сте уочиле дека учејќи по модел, ваквиот тип на комуникација го пренеле во меѓусебната комуникација. Впрочем, колку повеќе го повишувате гласот, толку повеќе ја уништувате содржината на пораката што сакате да им ја испратите. Обидете се отворено да разговарате со нив за вашите грижи, да направите структурирање на денот и на обврските во домот. Секое од децата нека го опише и нацрта своето доживување во врска со вашата комуникација. Потоа барајте конкретни идеи како секој од вас би придонел за подобар однос и мирна комуникација. Тоа нека биде заедничка истражувачка тема.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет”

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X