Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата ќерка има речиси 6 години и во последно време се буди сред ноќ, некогаш свесна, а некогаш полусвесна, и се тресе. Вели дека ѝ се повраќа и некогаш навистина повраќа. Понекогаш свесно ми одговара на прашањата, а некогаш не се ни сеќава дека се разбудила и се тресела.
Не поминува време пред екраните, а дури и кога гледа, тоа е цртан на ТВ кој е во согласност со нејзината возраст. Сум пробала на многу начини да го средам проблемот со неа, но во последно време се почесто се случува и веќе не знам што да преземам.

ОДГОВОР: Верувам дека сте многу вознемирени, се чувствувате беспомошно и уплашени сте, но ова е нормална појава која се јавува кај здрави и среќни деца. Претпоставувам дека се работи за „ноќен терор“ или „ноќни стравови“ кои се појавуваат кај децата од 2 до 12 години.
Овие ноќни стравови се манифестираат со делумно будење од длабок сон, со интензивна возбуда, со прекумерно потење, вкочанетост на мускулите и тахикардија, тресење. Детето понекогаш вика, плаче, изгледа исплашено, има широко отворени или затворени очи, може да прави нестабилни движења и да не реагира на обидите за утеха.

Откако ќе заврши, детето повторно заспива како ништо да не се случило. Како што и самите наведовте, се јавува со променлива, неправилна и непредвидлива фреквенција.
Причините за оваа појава често се непознати, но стресот, звучната или светлосна стимулација за време на спиењето, полн мочен меур, апнеа, гастроезофагеален рефлукс,.. може да бидат едни од предизвикувачите.

Кога се случуваат овие епизоди, возбудени сте и уплашени и често би сакале да го разбудите детето и да го утешите… но потрудете се да бидете нежни, смирени, да не паничите и да не ја будите кога ќе забележите дека не е свесна, доколку е свесна, секако дека ќе ѝ помогнете и нема потреба наутро да кажувате што се случило бидејќи таа не се сеќава. Не обрнувајте премногу внимание на ноќните стравови во комуникацијата бидејќи тоа може да му даде на детето порака дека нешто не е во ред со него.

Една од докажаните техники кои помагаат во овие случаи се состои од будење на детето на секои 15 до 30 минути пред моментот во кој обично се случува епизодата, со цел да се „прекине“ циклусот на спиење и да се спречи настанот, па пробајте неколку дена да го практикувате. Избегнувајте телевизија, мобилен телефон, компјутер или која било друга стимулирачка активност пред спиење. Избегнувајте тешки вечери и стимулирачка храна. Правете мали релаксирачки вежби, слушање музика, вежби за дишење. Набљудувајте кои ситуации може да генерираат стрес и емоционална напнатост кај вашето дете.
Создајте навика да разговарате за нејзините грижи и искуства во денот, за да може да го изрази она што го чувствува и да се чувствува безбедно.

Иако се непријатни, овие појави не оставаат долгорочни последици. Од друга страна, развивајте го вашиот однос, бидете полни со љубов и разбирање, а доколку повраќањето се зачестува, би било добро да разговарате со вашиот педијатар.

Доколку ви е потребен дополнителен разговор, можете да закажете советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X