Главно избегнувам да правам муабет за деца и родителство кога седам со други родители. Знам дека сите „избегале“ накратко од обврските и седнале на тоа кафе токму поради тоа, да ја сменат темата

Пред осум месеци стана татко. Оттогаш ништо не е како претходно, спие многу помалку, ама е посреќен од кога било. Актерот Сашко Коцев за Деца.мк споделува како се снаоѓа во улогата на татко на малата Јоана.
– Животот ми се смени. И тоа четири часа пред да се роди Јоана. Е, оттогаш се немам наспано! Во овие осум месеци спиев само во Софија, Зеница и во Благоевград, кај што гостував со претстава со Македонскиот народен театар. И да ви кажам искрено, откако се наспав таму, сфатив колку е апсурдно спиењето од 9 часа. Два и пол часа, и тоа расцепкани, се сосема доволни за да имате успешни подочници, онака филмски, за на камера! – се смее актерот.

Го користам секој момент за творење и чување на моето дете

Шегата настрана, неговиот живот се сменил на подобро.
– Ми се појави еден нов свет, едни сосема нови и непознати чувства што ме влечат накај дома. Дури и кога имам време за одмор, не ми даваат, туку ме тераат да станам да ја гледам додека таа спие.
Коцев е актер со многубројни ангажмани, настрана тоа што игра во добар дел од репертоарот на матичниот Македонски народен театар, тој снима реклами, има стендап-настапи. Вели дека не му е проблем да ги координира чувањето на Јоана и креативниот процес.
– Го користам секој момент за творење и чување. Тоа е комбинација на нишање за заспивање и пишување некој текст во главата… потоа мавтање со играчката, истовремено поминување текст за вечерашната претстава или, пак, топлење млеко и правење план во главата за утрешната проба. Исто така, и познатото „летање“ на бебето, популарно наречено „лет, лет, лет“, со кое многу добро може да се вежбаат стомачните и познатото „ѕенѕање“ од кое детето е најсреќно, а се вежба бицепсот.

Не се жалам за ништо

Сашко не се жали на обврските и ужива во оваа фаза од татковството.
– Мислам дека ова е некој посебен адреналин или некој нов хормон, кој не ти дозволува да се пожалиш за ништо, дури ни на самиот себе. Претходно можев да гризнам некого ако ме разбудеше во 3:30 наутро. Но, еве го паметам првото будење од Јоана – вели Сашко.
Признава дека ужива во многу едноставни моменти поминати со својата ќерка. Моментите се менуваат како што таа расте.
– На пример, правење фризура, па следен хит беше да изнудиш насмевка, па следен капење кога ѝ нема крај на бебешката радост. Па потоа, смислување детски песни. E тоа е чист надреализам, некој ден ќе издадам албум или стихозбирка – се смее Сашко.

Го прашавме како го избрале името со сопругата Смилјана.
– Тоа беше тешка операција. Секој си избира на свој начин, некој избира да не познаваш никого со тоа име зашто ќе те потсетува на некој возрасен што не ти се допаѓа. Друг избира според баба, дедо, трети според некој филмски лик. Ние избиравме име кое ќе ни се допадне на двајцата, ама да не може да се скрати подоцна. На пример, во Охрид има брат и сестра Цезар и Клеопатра, ама сепак се познати како Цепче и Клепче – се смее актерот.
На прашањето дали бара совети од своите блиски другари кои имаат поголемо татковско искуство, Коцев вели:
– Главно избегнувам да правам муабет за деца и родителство кога седам со други родители. Знам дека сите „избегале“ накратко од обврските и седнале на тоа кафе токму поради тоа, да ја сменат темата. Исто така, секогаш имам обѕир кон оние што сѐ уште не се родители. За нив, овие теми се далечни и здодевни. Знам како ми било мене кога не бев родител, а останатите на маса разменуваа совети за полните пелени, кашичките на 35 или 37 Целзиусови степени, водата при капење да тече од тилот кон очите или обратно или во кој месец детето смее да се гледа во огледало – вели Коцев.



912

X