Секое дете е љубопитно. Првата година од животот на детето е важна за развојот затоа што сѐ се случува по прв пат. Оставете ги децата да истражуваат, да трчаат, да поминуваат повеќе време надвор, во природа, играјте си со нив, охрабрувајте ги да вложуваат напор кога нешто сакаат. Бидете им помош и поддршка кога е потребно или само поддршка како мотив за остварување. Помагајте им на вашите деца, покажете им, но не спасувајте ги и немојте да ги вршите секојдневните активности наместо нив.
Самостојноста на детето е темел за сигурност, а истовремено и потреба која треба да се следи во зависност од развојното темпо на детето. На детето треба да му се остави простор кога ќе биде подготвено да се оддели од родителите во текот на ноќта, да се остави во градинка или сл. ситуации. Може да му дадете поттик на детето за да се охрабри да ги прифати тие ситуации, но ако вам како родител ви се брза детето да стане самостојно, треба да вложите повеќе труд затоа што тоа може да му наштети на заемниот однос. Тоа што го наведувате детето да прави нешто без вас може да ви личи на охрабрување да стане самостојно, но детето може да чувствува емотивно оттурнување или сето тоа да го гледа како казна. Верувајте му на вашето дете, следете го, покажувајте му бидејќи секое дете си има свое темпо и дозволете му да се оддели или да направи нешто самостојно кога ќе биде подготвено.

Самостојноста доаѓа во моментите кога децата го гледаат примерот од родителите или од лицето кое се грижи за нив, средината. Самостојност не може да очекуваме ако детето нема модел на прикажување, туку само затоа што развојниот домен вели дека дете од 6 до 9-месечна возраст би требало веќе да седи. Детето не може да го постигне тоа без стимулација во првата година од животот или поддршка од страна на родителите во подоцнежната возраст. Кога му вршиме притисок на детето да прави работи за кои сѐ уште не е подготвено, го фрустираме. Многу од работите за кои сме брзале и сме вложиле многу труд за детето да ги научи предвреме може да го забават неговиот развој. Пример, ако детето треба да седи, а ние го потпираме, тогаш го ограничуваме неговото движење и не му даваме простор и време да го направи тоа. Стимулација во развој е секогаш неопходна, но притисок и постојано брзање може само да ја отежнат работата во развојот или пак да го потиснат проблемот или тешкотијата што ја има детето. На детето му е потребна снаодливост која се постигнува во слободната игра. Во овој вид игра детето ја развива и креативната способност. Детето со слободната игра ја поддржува и развива самостојноста. Понекогаш, во зависност од карактеристиките на детето, неопходно е и вие како родител да си играте со него, каде што вие ќе ја водите играта и ќе бидете модел на тоа како ќе се усвојуваат одредени вештини (фина моторика, груба моторика, внимание и сл.).
Самостојноста претставува предизвик за детето, но истовремено и поттик за развој на сигурноста на самата личност на детето, без дополнителни форсирања или споредувања со врсниците. Секое дете има различно темпо на развој кое секој родител треба да го следи. Самостојноста не е нешто што се случува преку ноќ, туку треба да се даде простор, време, трпеливост и да се има водич низ сиот овој процес.
Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, реедукатор по психомоторика, гешталт-психотерапевт во едукација