Дали сте исфрустрирани поради пребирливоста на вашето дете? Ново истражување покажа дека присилувањето на детето да проба нешто ново во исхраната (или само уште еден залак) не помага.

Вашето мало пребирливо дете доаѓа до масата, зема еден залак и соопштува дека завршило со јадењето. Или изјавува дека ја мрази храната што до вчера му била омилена. Тоа е фрустрирачки и сосема доволно за вие да почнете со молење, подмитување и барање да јаде повеќе. Впрочем, вашиот основен инстинкт како родител е да го нахраните вашето дете. Кога ви се чини дека не јаде доволно, се грижите дека нема да биде здраво или дека нема да порасне (не сака да јаде ништо друго освен тестенини и пилешки прсти).

Но, според ново истражување, присилувањето на децата да јадат повеќе не влијае позитивно врз нив. Истражувачите од Универзитетот во Мичиген велат дека кога родителите вршат притисок врз дете од две-три години да јаде, тоа не влијае врз неговото растење и нема влијание врз тоа колку ќе биде пребирливо подоцна.

– Факт е дека не најдовме поврзаност меѓу вршењето притисок во текот на јадењето и подоцнежната пребирливост при исхраната бидејќи пребирливоста не е нешто што се менува, исто како што е тешко да се промени срамежливоста кај детето. Да се промени пребирливоста значи дека треба да го промените пристапот, а не да вршите притисок врз детето – објаснува д-р Џули Ламенг, професорка на Клиниката за педијатрија на Универзитетот „Мичиген“.

Тоа не значи дека вршењето притисок врз децата е безопасно. „Притисокот во текот на јадењето може да се смета за контролирање или наметнување, а во последните десетлетија знаеме дека контролирањето и наметнувањето не се добри за детето – истакнува таа.

Ваквиот притисок може да ги влоши прехранбените навики на детето со текот на времето, објаснува нутриционистката за деца Наталија Стасенко. Тоа особено важи кога основна причина за одбивањето храна кај детето се мачнина или моторички проблеми. Дури и ако пребирливоста кај детето нема заднина, притисокот може негативно да влијае врз неговите чувства за храната и пијалаците воопштено, нагласува таа.

Присилувањето влијае врз способноста на детето за самоконтрола

Ова истражување покажа дека таквите тактики во текот на растењето на детето можат да доведат до ризик од дебелина. Тоа е така затоа што присилувањето на децата да јадат може да влијае врз нивната способност за самоконтрола (да знаат кога се гладни и сити). Претшколските деца обично имаат добра самоконтрола, но нивниот природен инстинкт се намалува на возраст од четири-пет години.

Со оглед што е природно да бидете загрижени за пребирливоста на детето, вистинското прашање би било – што може да се направи? Д-р Џули Ламенг вели дека децата веројатно ќе пробаат нова храна ако видат дека и другите луѓе ја јадат, особено ако се работи за брат, сестра или пријател.

„Правилото еден залак“ може да им помогне на некои деца да прифатат нова храна, но и поврзувањето на храната што ја сакаат со храната што не ја сакаат (кечап со зеленчук) исто така може да биде еден од разумните начини.

Запомнете дека доживувањето на храната без јадење исто така е дел од процесот, вели Стасенко. „За да пробаат нова храна, децата треба да поминат низ различни нивоа на искуство без притисок; како се произведува храната, како се подготвува, колку луѓе ја јадат, како мириса, испробување на вкусот и конечно да ја јадат. Сите деца поминуваат низ овие чекори во сопствен ритам“, објаснува нутриционистката Стасенко.

 



912

X