Помогнете му на детето брзо и лесно да создаде навика да заспива само и во одредено време
Го ставивте детето в кревет, го бакнавте и го прегрнавте за добра ноќ. Ве чекаат садовите, плаќање сметки, гладна мачка или куче, еден куп обврски и наместо сето тоа да го средите и да поминете малку време со партнерот, вие наредните 3 часа се обидувате да го убедите детето да спие. Ако ова е вашиот случај, не сте единствени, голем број родители навечер се соочуваат со овој проблем.
Можеби ќе изгледа како да му се спие, но ако вие и вашиот партнер во тоа време сте активни, па дури и домашните миленичиња, вашето дете ќе сака да биде дел од тие активности исто така (дури и ако му се спие).
Што да направите во врска со тоа?
Научете го детето да спие само
Ако вашето дете сака да спие единствено кога вие сте во негова близина, создавате навика од кој подоцна тешко се одвикнува. Добро е да воведете вечерни ритуали, како што се бањање или „книга, па кревет“. Така детето ќе знае кога е време за спиење.
Не дозволувајте му да одолжува
Децата се мали измамници кога е во прашање спиење. Бидејќи обожаваат да поминуваат време со вас, ќе направат сè за да го одложат одењето в кревет. На пр., детето може неколку пати да побара вода или да посака да заврши некоја задача. Кажете му дека задачата може да ја направи утре. Не е лошо да запаметите кои сè активности му паѓаат на памет токму во тоа време, па, на пр., ставете чаша вода покрај креветот, потсетете го да оди во веце уште еднаш и дајте му екстра прегратки.
Кажете му дека може да му исполните уште една желба, но само една. Така тоа ќе мисли дека успеало да ја истера работата по свое и полесно ќе оди на спиење.
Покажете му дека има избор
Децата сакаат да имаат контрола. За да му помогнете на детето да си помисли дека и тоа има право да одлучува, секогаш прашувајте го која приказна сака да ја слушне или која пижама да ја облече. Погрижете се секогаш да има два избора, кои и вам ќе ви одговараат. На пример, немојте да го прашувате детето: „Дали сакаш сега да одиш во кревет?, затоа што е голема веројатноста дека одговорот ќе биде негативен. Прашајте го: „Дали сакаш да одиш сега во кревет или за пет минути?“
Бидете смирени
Зборувајте тивко и смирено, но бидете одлучни. Ако попуштите и му дозволите на детето да биде будно уште 5 минути, ќе го слушате истото повторно и повторно. Ако детето почне да плаче, проверете дали се плаши да биде само во креветот. Столните ламби или проверувањето дали во собата има бабароги може да му помогне да се избори со стравот.
Ако детето едноставно си плаче, речете му дека е време за спиење и дека, ако се смири, ќе дојдете да го проверите неколку пати во текот на ноќта. И исполнете го ветувањето.
Набавете поголем кревет
Преместувањето од креветчето во поголем кревет му кажува на детето дека пораснало. Речете му дека дел од растењето е и учењето како да оди во кревет кога е време за спиење. Откако детето ќе почне да останува во креветот во текот на целата ноќ, дајте му некоја награда за тоа.