Во моментов вкупно 190 дечиња во државата се згрижуваат попладне во државни градинки

Само пет градинки во државава работат двосменски. Минатата година кога се воведе оваа можност за децата да одат во градинка попладне, според дискусијата што се разви во јавноста, се очекуваше да има голем интерес кај родителите, но сепак мнозинството детски градинки си работат по старо. Поголем дел од нив втората смена ја имале претходно воведено. Според директорите на градинките, имало интерес од мал број родители. Така децата што ќе оделе втора смена, требало да бидат во иста група иако се на различна возраст, без да имаат доволно воспитно-образовни активности, па родителите сами се откажувале.

Да поднесат барање родителите што сакаат децата да одат попладне

Мерката формално профункционира од ланскиот први септември.
– Една од првите мерки на оваа Влада беше воведувањето втора смена во детските градинки, како и работење секоја прва сабота во месецот. На почетокот од вкупно 65 градинки во 54 општини, 13 детски градинки во девет општини почнаа со двосменско работење и згрижуваа вкупно 189 деца. Во моментов двосменско работење функционира во пет градинки во општините Центар, Чаир, Куманово, Kрива Паланка и во Тетово, а се згрижуваат вкупно 190 деца – информираат во Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Од Министерството апелираат до родителите што работат во смени и имаат потреба децата да им одат попладне во градинка да поднесат барање за двосменско работење.
Оваа одлука минатата година предизвика лавина реакции во јавноста. Родителите беа со поделени мислења, а вработените во градинките тврдеа дека не е можно да се работи двосменски со оглед на тоа дека нема доволно кадар во градинките. Тие прашуваа како ќе се обезбедува топол оброк попладне за децата, до колку часот ќе треба да остануваат на работа, а имаше и негодувања во однос на тоа дека предвидената програма не може да се реализира како што треба во втора смена кога концентрацијата на децата е значително помала. Во МТСП, односно инспекторите за детска заштита тогаш смируваа дека сè ќе остане исто, а само организацијата на работата ќе биде поразлична.

Само згрижување

– Нас не нè ни прашаа дали сакаме детето да оди во втора смена – вели Маја К. од Скопје.
Друг родител, пак, објаснува дека биле прашани, но, како што раскажува, за да не прифатат.
Валентина Сотировска, директорка на градинката „Весели цветови“, која има шест клона во скопската општина Кисела Вода, вели дека не вовеле втора смена затоа што имало преслаб интерес од родителите.
– Прво, некои родители се изјаснија позитивно за втора смена. Стануваше збор за околу 10 деца. Откако им објаснивме дека децата од 2 до 6 години ќе бидат згрижени во иста група, тие се откажаа. Ние не можевме да формираме групи за толку малку деца зашто немаме доволно кадар за тоа. Дополнително, втората смена ќе беше повеќе згрижувачка и немаше да има доволно воспитно-образовни активности, зашто тие се различни за секоја возраст. Не избегнувавме втора смена, да имаше доволен интерес, ќе се организиравме – вели Сотировска.

Градинка со полудневен престој

Во градинката „Детелинка“ во Крива Паланка оваа година се организира полудневен престој, односно децата се згрижуваат во меѓусмена, во периодот од 12 до 18 часот. Како што ни објасни директорката Мирка Јакимовска, за неколку дена ќе се знае дали ќе има втора смена во оваа градинка.
– Во нашата градинка во моментов има само продолжен престој. Периодов ќе има родителски средби и кога тие ќе завршат, ќе се знае колкава е потребата од воведување втора смена до 21 часот. Ако има потреба, таа ќе биде воведена – вели директорката.
Таа објаснува дека храна се готви за 300 деца секој ден, а за децата во втора смена истата се подгрева и им се дава како топол оброк, а покрај тоа добиваат и ужина.



912

X