Сите го знаеме тој момент кога децата почнуваат да „вреват“ по нова играчка, најнов уред или тој модел од „ограничено издание“ што едноставно мора да го имаат. Желбата за повеќе и повеќе станува вистинска епидемија, но, за среќа, ваквите желби не се засекогаш. Како родител, можете да му помогнете на вашето дете да престане да биде себично и да го поттикнете да биде благодарно и дарежливо. Студија од 2008 година покажала колку се децата подложни на рекламни и маркетиншки трикови.
-Маркетинг-стратегиите ги прават децата под осум години особено ранливи бидејќи им недостигаат когнитивни способности да ги разберат убедливите намери на рекламите на телевизија и на интернет. А најновите методи можат да влијаат дури и врз постарите деца и адолесценти – велат експертите.
Затоа на родителите им е потребна едноставна, но ефикасна идеја што лесно може да се спроведе. Еве еден шестнеделен план за да му помогнете на вашето дете да премине од себично во благодарно:
Недели 1 и 2: Благодарен четврток
Реалноста е дека децата нема веднаш да се трансформираат од „сè се врти околу мене“ во длабоко благодарни деца. Тоа одзема време. Затоа почнете едноставно. Изберете време во текот на денот (без разлика дали е тоа навечер, наутро, пред спиење, па дури и на пат кон вежбање) и замолете го секој член на семејството да сподели две работи за кои е благодарен таа недела. Без стрес, ништо комплицирано! А и не критикувајте ги одговорите. Можеби детето ќе каже „мојот х-бокс“ или „слободни денови од училиште“. И тоа е во ред! Подлабоките мисли ќе дојдат подоцна. За почеток, целта е да се создаде навика.
Недели 3 и 4: Имаат и немаат
Откако сите ќе почнат редовно да размислуваат за што се благодарни, можете малку да ја проширите играта. Во следните две недели секој нека наведе две работи за кои е благодарен, а другите можеби не ги имаат. Ова бара малку повеќе размислување, и тоа е одлично! Можеби децата никогаш не помислиле на фактот дека некои деца немаат „х-бокс“ конзоли. Или можеби не се свесни дека децата во други земји работат по цел ден и ги ризикуваат своите животи само за да одат на училиште. Што има вашето семејство што другите можеби ги немаат?

Недели 5 и 6: Дарежливост во акција
Се надеваме дека децата сега со нетрпение ќе го очекуваат „Четвртокот на благодарноста“ (иако тинејџерите веројатно нема да признаат ништо). Во последните две недели замолете го секој член на семејството да сподели две идеи за тоа како би можел да му помогне на некој друг. Децата нека сонуваат, нека понудат големи и смели идеи! Потоа помогнете им да ги претворат тие идеи во реалност. Помогнете им да видат како нивната дарежливост не само што им помага на другите, туку и ги исполнува со добри чувства. Продолжете го ритуалот и нема потреба да застанувате со „Четврток на благодарноста“. Направете ја благодарноста природен дел од семејниот живот во текот на целата година, пронајдете начини да ги броите вашите благослови и да им помагате на другите.
Автор: Карина Шиждрак