Игротека

„Само ние во улицата се слушаме“ и „Памет во глава“ – реченици што потсетуваат на детството

Колку и да сме пораснати, некои реченици од детството остануваат засекогаш со нас. И тоа не се само зборови – тоа е мирис на домот, звуци од кујната, гласот на тато од дворот, шепотот на мама пред спиење. Тоа се мали пораки кои нè формираа како личност, нè охрабруваа и понекогаш нè нервираа, но денес, кога ќе се сетиме на нив, истовремено ни будат насмевка и солзи.

Секој од нас има една посебна реченица која веднаш го враќа во детството. За некого тоа било нежното „Злато мамино“, за други строгото „Памет во глава“, а за трети веселата „Фати се за уши и играј“ секојпат кога ќе се пожалевме дека ни е досадно. Токму тие реченици, кои некогаш ги земавме здраво за готово, денес носат топлина и сигурност што само родителите умеат да ги дадат.

Токму ова прашање кружеше на социјалните мрежи, а одговорите на прашањето: „Која реченица од детството сè уште ја слушаш во глава кога ќе помислиш на своите родители?“ ќе ве вратат години и децении наназад.

Во нив има и сериозност и хумор. Од „Твое е само да учиш“ до познатото „Само ние во улицата се слушаме“ – сите тие се дел од нашиот семеен јазик, мали шифри на љубов и грижа, изговорени илјада пати, но секогаш од срце.

Веројатно истите тие реченици им ги повторуваме на нашите деца, несвесно, со истиот тон кој го користеа нашите родители. И така кругот продолжува, а речениците патуваат низ генерации и стануваат дел од семејната традиција.

Можеби тогаш не ни беше јасно, но денес, додека се сеќаваме на нив, го чувствуваме највредното – безбедност во домот, љубовта од родителите и топлината на детството што засекогаш ја носиме во себе.

„Кај и да оди човек, паметот со себе го носи“.

„Додека живееш под мој покрив“.

„Од мрзата не постои полоша болест“.

„Ќе имаш и ти дете, па ќе видиш како е“.

„Мене не ме интересираат другите, мене ме интересираш ти“.

„Твое е само да учиш“.

„Фати се за уши и играј“.

„Само ние во улицата се слушаме“.

Извор

Поврзани написи

To top