Воспитување

Сакате вашето дете да стане среќен човек? Еве кои навики може да помогнат во тоа

Многу родители веруваат дека одгледувањето среќни деца е најважното достигнување во нивниот живот. Сепак, често мислиме дека среќата е во тие кратки моменти да го добијат она што го сакаат. Трајната среќа е, всушност, многу посложена, но и многу подобра. Начинот на кој го воспитувате вашето дете ќе ги зголеми неговите шанси за среќа во животот. Што треба да се направи за детето да порасне во среќна личност? Бидејќи среќата е „само последица“ на емоционалното здравје, многу фактори се важни.

Истражувањето за среќата дава интересни одговори. Откако ќе се обезбеди преживување, безбедност и основна удобност, надворешните фактори немаат големо влијание врз нашето ниво на среќа. Нашите гени, исто така, придонесуваат, но нивните ефекти може да се ублажат за да нѐ направат посреќни. Нашата среќа најмногу ја одредуваат менталните, емоционалните и физичките навики, тие создаваат хемија која го одредува нашето ниво на среќа. Сите знаеме дека некои од нас имаат поголем оптимизам, а некои помал, но повеќето од нашето расположение е навика. Можеби звучи чудно што нашата среќа ја одредува навиката, но многу е веројатно дека кога растевме, сме имале навика да бидеме главно среќни или несреќни. Среќата е тесно поврзана со три вида навики:

-што мислиме и чувствуваме за светот, па и преку тоа ги доживуваме нашите искуства;

-одредени навики или постапки како што се вежбање, здрава храна, молитва, медитација, поврзување со луѓе, а тука се и насмевката и смеењето;

-карактеристични особини како самоконтрола, праведност, грижа за другите, мудрост, храброст, лидерство и искреност.

Во практика, овие особини се само навика, одреден начин на кој се соочуваме со сите ситуации. И, секако, има смисла да ги развиваме овие квалитети што е можно повеќе за да ги живееме нашите животи подобро, да се чувствуваме подобро и да најдеме повеќе смисла во животот – тогаш сме многу посреќни. Некои навики се видливи – начинот на кој баба вели дека треба да ги живееме нашите животи и да работиме напорно, да ги почитуваме другите, да се грижиме за нашето здравје, внимателно да управуваме со нашите пари и да придонесуваме за нашата заедница. Другите навики се повеќе лични и нѐ штитат од незадоволство и создаваат радост во нашите животи, како што се управувањето со нашето расположение и одржувањето на оптимизмот. Но, штом ќе ги создадеме овие навики, тие стануваат дел од нашиот живот и ги правиме автоматски.

Како да му помогнете на детето да развие навики кои водат до среќа?

Научете го вашето дете на конструктивни ментални навики

Управување со нашето расположение, да разговараме позитивно, да го славиме животот, да практикуваме благодарност и да ја почитуваме меѓусебната поврзаност. Изградете го вашиот заеднички живот и бидете пример, разговарајте со него и вашето дете ќе ве копира.

Научете го вашето дете на самоконтрола и на навики кои создаваат среќа

Редовното вежбање и здравата исхрана се тесно поврзани со среќата. Но, вие и вашето дете можеби имате свои стратегии – за многу луѓе музиката веднаш го подигнува расположението, за други прошетката ќе биде целосна среќа.

Негувајте забава во семејството

Сите знаеме дека смеата е најдобриот лек и тоа е вистина. Колку повеќе се смееме, толку сме посреќни. Тоа всушност ја менува хемијата на нашето тело. Затоа, следниот пат кога ќе сакате да бидете посреќни со вашето дете, насмејте се. Смеата е одлична алатка: смеењето нè прави посреќни, дури и ако на почетокот е присилено. Повратните информации од мускулите на лицето нѐ информираат дека сме среќни и веднаш го подобруваат нашето расположение, како и луѓето околу нас.

Развивање самодоверба

На сите ни треба навивачка која ќе ни помогне кога ќе наидеме на пречки во животот. Кој вели дека не можеме да бидеме свои фанови? Всушност, нема подобри! Истражувањата покажуваат дека среќните луѓе сериозно се уверуваат себеси, си даваат признание и пофалби. Покажете им на децата, пофалете се и дозволете им да го слушнат тоа.

Развивање позитивен начин на размислување

Позитивните мисли се борат против несреќата. Вистина е дека некои од нас се раѓаат пооптимисти од другите, но тоа е особина што можеме да ја негуваме.

Помогнете му на вашето дете да ужива во секојдневниот живот

Истражувањата покажуваат дека луѓето што ги забележуваат малите чуда во нивниот живот и дозволуваат да бидат допрени од нив се посреќни. Внесете радост во секојдневието: заоѓањето на сонцето, читањето нова возбудлива книга, нова игра, првите цвеќиња во пролетта, играњето на снегот и вкусниот ручек – сè може да биде радост.

Научете ги да имаат квалитетни врски во животот

Истражувањата покажуваат дека најсреќните луѓе имаат многу врски во животот кои се длабоки. Научете го детето да работи на квалитетот на врската.

Помогнете му на детето да биде благодарно

Многу луѓе мислат дека можат да бидат благодарни само кога се среќни, само кога имаат за што да бидат благодарни. Меѓутоа, ако погледнете околу себе, ќе сфатите дека ситуацијата е спротивна: луѓето се посреќни затоа што се благодарни. Луѓето што се опишуваат себеси како среќни негуваат благодарност. Децата немаат контекст на живот додека не ги научиме на некои вредности, не знаат дали се среќни или несреќни поради работите околу нив, само кога ќе им кажеме дека некој друг има поскапи и подобри работи од нив, почнуваат да го доживуваат тоа како среќа или несреќа. Постојат многу начини на кои можеме да ги научиме децата да негуваат благодарност, за да не ги земаат работите здраво за готово. Бидете пример, не кажувајте само такви работи.

Научете ги да размислуваат за своето расположение

Повеќето луѓе не знаат дека можат да го „опуштат“ своето лошо расположение и свесно да го променат. Со вежбање, можеме да ги научиме овие работи и да бидеме посреќни. Се разбира, тешко е да го промените лошото расположение. Не мора веднаш да бидете многу весели. Најдете нешто што прави да се чувствувате подобро и пренесете го тоа на децата, а потоа обидете се да се соочите со проблемот директно. Понекогаш менувањето на начинот на кој размислуваме за некоја ситуација може да помогне. Како да му помогнете на детето да го промени негативното расположение? Кога е во добро расположение, разговарајте со него. Како се чувствува тоа? Зошто е во добро расположение? Споделете ги вашите чувства со него. Кога е нерасположено, покажете сочувство. Откако ќе помине вознемиреноста, прашајте го што му помогнало. Така, детето ќе почне подобро да ги разбира своите чувства и да наоѓа начини да го поправи лошото расположение.

Бидете свесни дека децата ја добиваат пораката оти среќата може да се купи

Како родители, мора да бидеме свесни дека не сме единствените кои влијаеме врз децата и ги учиме за животот. Постојано добиваат порака од медиумите дека целта во животот е да се има што повеќе работи и пари. На крајот, во зависност од тоа каков модел сме и што ќе им кажеме, ќе биде поважно од пораките од медиумите, но ние мора да се соочиме со тие пораки.

Научете го вашето дете да ги прифаќа сите емоции

Животот е полн со радости, но и најсреќните луѓе доживуваат загуба и болка, а понекогаш нивните денови се исполнети со мали и големи таги. Препознавањето на нашите негативни емоции не значи фокусирање на негативното, туку отворање на сите емоции. Прифаќањето на негативните емоции ја продлабочува нашата способност да уживаме во животот. Значи, изборот да се биде среќен не значи да се потиснат сите негативни чувства. Тоа значи дека ги прифаќаме и почитуваме таквите чувства. Ни овозможува да „патуваме“ низ емоциите за да можеме да се справиме со нив. Кога вашето дете се чувствува лошо, покажете сочувство и помогнете му да го помине тоа. Не избрзувајте со овој процес.

Научете го вашето дете да се гордее со себе кога придонесува

Истражувањата покажуваат дека ние сме горди кога придонесуваме за општеството и семејството и тоа нѐ прави среќни, а и вашите деца ќе бидат среќни. Нашата работа како родители е да најдеме начин тие да се чувствуваат позитивно за она што го прават во светот и да научат да уживаат во нивните искуства.

Автор: Ана Николиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top