Воспитувањето и семејниот живот се поврзани. Дали детето ќе биде добро воспитано, во голем дел зависи од тоа дали постои рутина во семејството. Повеќето луѓе ќе ви потврдат дека животот е многу полесен кога се држите до секојдневните рутини. Често забораваме дека таа рутина и некои фрази што ги изговараме секој ден ги обликуваат нашите деца. Тие ќе се сеќаваат на тие моменти како важни блесоци од нивното детство.

Една од главните цели на секој родител е да воспита добро дете кое ќе порасне во грижлива и сочувствителна личност. За да успеете во тоа, потребно е тие особини да ги воведете во целото семејство. Еве како да го постигнете тоа на најлесен начин:

Будете се порано

Дури и ноќните птици признаваат дека е поубаво да се станува порано. Тоа време можете да го поминете со семејството не правејќи ништо, но тоа ќе ви ги наполни батериите и ќе бидете поподготвени да се соочите со светот. Доволно е да се разбудите половина час порано отколку што треба, да се погалите со децата и да ги разбудите нивните поспани очиња. Можете и порано да тргнете на училиште или во градинка и да ги одвоите тие неколку минути за да разговарате за планот за тој ден.

Користете позитивни фрази

Начинот на кој им се обраќаме на децата влијае врз нивното мислење за себе, како и врз односот кон животот. Истражувањата покажале дека ако ги учиме децата да мислат и да зборуваат позитивно за себе, тоа ќе ја зајакне нивната самодоверба и емпатија. Ова се неколку фрази што будат грижливост и добрина кај децата. Користете ги што почесто и бидете искрени. Децата се одлични во препознавањето на неискреноста:

– Ти си одличен помагач.
– Јас сум горд на твојата грижливост и љубезност.
– Треба многу храброст за да покажеш добрина.
– Среќна сум што се грижиш за другите и што ги почитуваш.
– Драго ми е што си толку љубопитен.
– Тоа е баш интересно. Зборувај ми повеќе за тоа.
– Секој проблем има решение. Ајде да се обидеме повторно.
– Импресионирана сум колку се трудиш.
– Ти одлично решаваш проблеми. Што мислиш, како да го решиме ова?

Славете го секој чин на добрина на конкретен начин

Едно истражување докажало дека одговорноста е главниот клуч за усвојување нови навики и за постигнување повисоки цели. Доколку на своето семејство му покажете дека добрината и помагањето на другите се приоритет, поставувате високи очекувања кои треба да се исполнат. Можете да направите визуелен приказ за поттикнување креативни начини за добрина за целото семејство или едноставно секој ден да го поставувате прашањето: „Кому му помогна денес?“ и „Кој ти помогна тебе?“ Со споделувањето приказни за убави работи што сте ги направиле тој ден го инспирирате детето да се обидува да биде од помош секојдневно, а делумно и за да има приказна што ќе ја сподели.

Бидете заедно физички активни

На сите ни се познати физичките и менталните предности на вежбањето. Секоја вечер издвојувајте половина час по вечерата за заедно да вежбате како семејство и ќе се ослободите од стресот, ќе ги ресетирате своите тела и умови за утрешниот ден. Исто така, физичката активност може да биде различна секој ден. Одете во прошетка во шума кога ќе имате време, играјте криенка во дворот или пред зградата. Без разлика дали шетате во парк, играте фудбал или танцувате, тие моменти на уживање и среќа ќе ви помогнат да бидете сочувствителни следниот ден.

Волонтирајте кога можете

Малите дневни промени не можат да ја заменат предноста на редовното волонтирање на вашето дете во заедницата. Волонтирањето ги зајакнува децата и нивната самодоверба бидејќи тие се гледаат себеси како помагачи. Кога наидуваат на проблем, нема да чекаат некој друг да им помогне. Потпирајќи се само на себе, ќе соберат храброст да го одбранат другиот кога тоа ќе биде потребно.

Намалете го гледањето во екрани

Иако технологијата е широко распространета, водечките истражувања покажале дека играњето е најпотребен и најпотценет начин на учење во детството. Ако размислите за тоа колку време децата поминуваат на училиште, на пат до училиштето и до дома, како и за воннаставните активности, им остануваат само неколку часа навечер да бидат деца. Да се качуваат по дрвја, да играат со лего-коцки, дури и да се расправаат со братот или сестрата околу лулашката. Тешко е да им се забрани на децата гледањето во екрани, но креативноста и другарството што ги развиваат децата далеку од уредите се вредни за тоа.

Споделувајте убава приказна секој ден

Колку се луѓето поемотивно истрошени со најновите лоши вести, толку повеќе чувствуваат апатија и цинизам. „Гардијан“ неодамна објави истражување на Универзитетот „Саутемптон“ кое покажало дека колку луѓето повеќе се чувствуваат негативно по слушањето лоши вести, помали се шансите да го изразат своето мислење или да направат нешто да се подобри светот околу нив. За среќа, новинарството кое дава решенија на проблемите е сè попопуларно. Нека ви премине во навика да барате вести што зборуваат за храброст и надеж. Целото ваше семејство ќе посака да направи некои промени кога ќе види колку е важно да се работи на подобрување на нашето опкружување и дека постојат луѓе што се трудат.

Важна е и вечерната рутина

Истражување покажало дека начинот на кој се завршува некое случување или искуство влијае врз нашите чувства кон него. Затоа треба да им покажеме на децата смирувачка и нежна рутина пред спиење. Лесно е само да се стават в кревет и да им се посака добра ноќ, а во мислите веќе да се биде на каучот пред телевизорот. Сите го правиме тоа. Сите имаме долги денови за кои едвај чекаме да се завршат. Но, спротивставете се на тој импулс кога и да можете.

Одбирајте добри книги

Истражување што се реализира во моментов го докажува она што љубителите на книгите одамна го знаат: читањето е неверојатен начин за развој, емпатија, сочувство и увид во светот на другите. Една студија открила дека книгите што зборуваат за општеството, социјалните промени и политиката развиваат емпатија кај читателите од сите возрасти во однос на белетристиката. Затоа, треба да се обидуваме и ние и нашите деца да читаме извонредни книги.



912

X