Сè започна пред многу години кога дознавме со сопругата дека ќе станеме родители: почнав да собирам родителски совети засновани на наука, а постојано ги обновувам и надополнувам и во мојата бесплатна е-книга „Како да одгледате успешни деца“. Ова се 7 најинтересни и најуспешни студии што ги најдов, заедно со навиките кои успешните родители често ги практикуваат:
Научете ги децата да се гордеат со својот вложен труд, а не само резултатите
Од сите совети што сум ги споделил низ годините, ова е навиката која резултира со најмногу реакции – не од родителите кои сметаат дека не функционира, туку од возрасни луѓе кои сфаќаат колкава смисла има оваа навика и колку посакуваат нивните родители да го применувале тоа. Заклучокот е дека не треба да ги пофалувате децата за нивните резултати и таленти постојано. Треба да упатуваме пофалби за нивниот вложен труд. Па наместо да речете: „Сели, толку си добра во математика!“ или „Итан, толку брзо трчаш!“, вие кажете: „Толку се гордеам со тебе што учеше напорно!“ или „Можев да ја видам одлучноста на твоето лице кога ја помина завршната линија!“ Има многу научни студии кои го поддржуваат ова, а неодамна дознав и дека овој совет е еден од клучните што Џеф Безос им го дава на младите луѓе и нивните родители.
Децата нека играат надвор, на отворено
Не само што децата треба да го прават тоа, туку и возрасните, според научните сознанија. Но, да се фокусираме на децата. Студиите покажуваат дека децата чии училишта не вклучуваат пауза на отворено за време на училишниот ден, имаат тешкотии во развојот на добрите читачки вештини. Неодамна истражувачи од државниот универзитет во Северна Каролина откриле силна корелација кај деца на возраст од 10 до 18 години во однос на тоа колку време поминуваат надвор и нивната емоционална благосостојба. Таа студија е од минатата година, па е добар пример за нешта што ги согледуваме како резултат на пандемијата.
Уверете се дека децата имаат добри примери на кои се угледуваат
Истражувачите од универзитетите Њујорк, Принстон и Илиноис го проучувале степенот до кој момчињата и девојчињата верувале дека возрасните мажи и жени имаат поголема веројатност да бидат „навистина паметни“. На возраст од 5 години, и девојчињата и момчињата верувале дека возрасните мажи и жени имале еднаква веројатност да бидат навистина паметни. Но, на возраст од 7 и 8 години, девојчињата почнуваат да веруваат дека мажите имаат поголема веројатност да бидат навистина паметни во споредба со жените. Како што започнувале да одат на училиште, погрешното верување ги навело некои од девојчињата да бидат помалку амбициозни за кариерата во споредба со момчињата и да избегнуваат обуки и кариери во наука, технологија, инженерство и математика. Треба да се забележи, сепак, дека девојчињата всушност имаат подобри оценки од момчињата, поголем степен на завршено образование во средно училиште. Исто така, почесто завршуваат и високо образование. Што значи дека се работи за перцепција која е сосема спротивна на реалноста. Прво, треба да се земе предвид во овој случај првиот совет кој е наведен погоре, а второ, треба да се вложи дополнителен труд за да се уверат децата дека имаат можности и да видат дека има и навистина паметни жени. Како татко на ќерка, гледам мајки и татковци кои ги прават женските примери приоритети за нивните девојчиња. Помалку очигледниот дел? Осигурете се дека тие ќе бидат приоритет и за момчињата, исто така.
Оставете ги да ве видат кога ќе доживеете пораз
Малите деца понекогаш мислат дека нивните родители се богови. Да си признаеме дека тоа не е баш задоволително искуство. Истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс експериментирале со деца до 15 месеци и откриле дека колку помалку нивните родители им дозволувале да гледаат колку тие се мачат и доживуваат порази понекогаш, толку помалку отпорни биле нивните деца. Оваа студија посочува дека треба да се борите пред своите деца и да покажете колку е нецелосна некогаш вашата работа. „Има многу голем притисок врз родителите со цел да направат сè да изгледа лесно и да не се фрустрираат пред своите деца. Нема ништо што може да го научите од лабораторија кое директно се применува на родителството, но можеме да сугерираме дека не е лоша работа ако им покажете на децата дека работите напорно за да ги постигнете своите цели“, вели Лора Шулц, професор по когнитивна наука на МИТ.

Направете го ова со нивните играчки
Истражувачите од Универзитетот во Толедо проучувале колку малите деца играат со играчки. Откриле дека децата на кои им бил даден помал број играчки наоѓале начини да ја прошират својата имагинација и биле покреативни од децата на кои им биле давани големи количини играчки. Па, дали треба да им давате малку играчки на децата? Не. Всушност, идејата е, особено со помалите деца, да ги ротирате нивните играчки и да дизајнирате простори за игра кои ги охрабруваат да се фокусираат на играчките со кои играат, а не да им се одзема вниманието со други работи. Тоа ме потсетува на лекција која ја научив за маркетингот: луѓето ги сакаат изборите, но ги мразат одлуките. Истото се однесува и на децата. Колку повеќе детето инсистира дека мора да има одредена играчка, толку повеќе таа ќе остане со прашина оставена некаде во ќош.
Ограничете го времето поминато пред екраните
Има ли покоментиран проблем во однос на воспитувањето од овој, особено по 2020 година? Нашите родители не знаат колку им било полесно кога требало само да ни кажат да одиме надвор да играме, без да се грижат дека ќе зјапаме во екраните со пристап до речиси сè од светот. Сега би било контрапродуктивно и веројатно невозможно да се обидеме да го ограничиме целосно времето поминато пред екраните за децата. Но, истражувачите од државниот универзитет во Сан Диего и универзитетот во Џорџија комбинирале серија од претходни податоци за да откријат совршено и реалистично време кое е доволно да се помине во употреба на дигитална технологија: помеѓу 1 и 2 часа на ден.
Останете блиску, но не премногу блиску
Искуството на Џули Литкот-Хејмс, поранешната деканка на Универзитетот „Стенфорд“, е дека „хеликоптер-родителството“ е „зло“, во однос на воспитувањето успешни деца. Таа има напишано цела книга на оваа тема со наслов „Како да одгледате возрасен човек“, но нејзините лекции всушност вклучуваат: оставање на децата да се обидуваат со нови работи и да доживеат и порази, и осигурување дека родителите не се толку вклучени, да не ги водат битките наместо самите деца. Тоа се добри совети. Но, тоа не значи дека кога родителите се сомневаат оти на детето му е потребна помош, не треба да бидат тука за него. Едно нешто е сигурно: Никој не рекол дека родителството ќе биде лесно. Фактот дека го прочитавте сето ова доведува до размислување дека и вие се обидувате да сфатите како функционира родителството.
Автор: Бил Марфи Џуниор