Игротека

Сакаме љубопитни деца, а им кажуваме „внимавај“ дури 27 пати дневно

Ако вашето дете гради куќички за инсекти, го притиска секое копче во лифтот и прашува „зошто“ најмалку 50 пати дневно, честитки, воспитувате љубопитно дете. Новото истражување покажува дека ова навистина вреди да се слави.

Според истражување спроведено од агенцијата „Токер рисрч“ за „Лајтбриџ академи“ на примерок од 2.000 родители на деца од 0 до 6 години, дури 91 отсто од родителите сметаат дека е важно да се поттикнува детската љубопитност. Сепак, просечниот родител дневно изговара „внимавај“ 27 пати и уште барем 25 пати „не допирај го тоа“.

Ви звучи познато? Очигледно е дека сите чекориме по тенка линија помеѓу желбата децата да го истражуваат светот и стравот дека можат да се повредат.

Истражувањето покажува и дека родителите секојдневно одговараат на 46 детски прашања, од кои третина всушност не знаат како да ги објаснат. Како, на пример, да се одговори на: „Ако времето имаше мирис, каков би бил?“ или „Каде одат соништата кога ќе се разбудиме?“

Експертите велат дека не е проблем ако не ги знаеме сите одговори, туку спротивното. Кога заедно истражуваме и велиме „Не знам, ајде да откриеме заедно“, на децата им покажуваме како изгледа вистинската љубопитност и размислување.

Но, постои и таканаречен „внимавај“ парадокс. Повеќето родители (97 отсто) велат дека е важно да им објаснат на децата зошто ги предупредуваме, но само третина од тие предупредувања навистина се однесуваат на вистинска опасност. Другите се рефлекси од љубов и страв.

Родителите денес се поангажирани од кога било: нудиме поттик, поддршка и сигурност, но истовремено не им оставаме доволно простор за грешки, истражување и по некоја мала гребеница.

– Целта е да ги научиме децата на безбедно однесување, но истовремено да им дозволиме да го истражуваат светот – објаснуваат од „Лајтриџ академи“.

Со други зборови, наместо „Бидејќи така реков јас“, обидете се да кажете причина и последица.

Интересно е што 97 отсто од родителите ги опишуваат своите деца како љубопитни, а 77 отсто веруваат дека нивните деца се дури и пољубопитни од нив кога биле на иста возраст. Тоа не изненадува. Денешните родители почесто велат „внимавај“ отколку „бидејќи така реков јас“, а децата на тоа обично реагираат позитивно.

– Дури и пред да влезат во училница, децата ги покажуваат првите искри на љубопитност и креативност. Тоа се истите тие пламенчиња кои ќе ги водат кон идните страсти и кариери – вели Гиги Швајкерт, директорка на „Лајтбриџ академи“.

Значи, следниот пат кога вашето дете ќе го постави 46. прашање тој ден, вдишете длабоко. Тоа не е само „уште едно зошто“, тоа е мал чекор кон идниот научник, уметник или истражувач.

Извор

Поврзани написи

To top