Моето дете е закон. Таа е паметно втораче што сака да чита и игра и сите тие работи. Таа нè обожава и тоа ни го кажува секоја вечер. Но, еве што е работата: таа не прави ништо ако не ѝ кажеме јас и мојата сопруга, и тоа по неколку пати. Така, секој ден ѝ кажувам да си ги стави чорапите и чевлите, да го изеде појадокот, да си ги измие забите. И секоја работа треба да ѝ ја повторам четири или пет пати. Секојпат кога треба да направи нешто, тоа завршува со викање од моја страна. Како да не викам? „Стави ги чевлите! Колку пати треба да ти кажам? Секој ден!“ Откако ќе ѝ се развикам, таа го прави тоа што сум ѝ го кажал. Се чини дека не ѝ пречи викањето, така што не ми пречи ни мене. Но, пред некој ден ми рече: „Тато, ти си злобен“. „Но ти не ги правиш работите кога ќе ти речам еднаш!“, ѝ реков јас. Се чини дека се согласува со мене. Сепак, тоа „злобен“ ме замисли. Дали сум злобен татко? Или полошо, дали ѝ нанесувам штета?
Децата – дури и второодделенците ретко имаат зла намера, иако тоа може да изгледа така од аспект на возрасните. Понекогаш родителите бараат објаснувања во однесувањето без да ги проверат физичките функции. Па, ќе ве прашам сериозно: дали сте го провериле нејзиниот слух? Всушност, постои мала шанса причината поради која таа не реагира да е затоа што има тешкотии да ве слушне. Можеби вреди прво да се насочите на ова. Ако нејзиниот слух е во ред, се сомневам дека вие и вашето дете едноставно сте во удобна зона на однесување. И ќе мора да ја прекинете таа шема пред да создадете нова.
Да ви ја смирам совеста. Дали сте лош татко? Не. Дали ја повредувате вашата ќерка? Веројатно не. Не звучи како да ја малтретирате или како да сте прекумерно лути. На крајот на краиштата, вашето викање е изолирано на многу специфични и фрустрирачки околности. Ова не значи дека викањето е тотално бенигно. Децата учат гледајќи ги своите родители. Така сфаќаат како да бидат возрасни луѓе во големиот свет. Тоа значи дека во суштина ја учите вашата ќерка дека единствениот начин за решавање тешки ситуации е да го подигнете гласот. Може да ви се врати и да ве прогонува ако таа го интернизира тоа верување и го носи со себе во нејзините тинејџерски години. Децата на кои им се вика додека растат, обично стануваат возрасни што викаат.
Па, да разговараме за тоа како да престанете да викате. За среќа, не е ужасно комплицирано, но процесот ќе одземе повеќе време, трпеливост и посветеност.
Во ситуации како овие, се насочувам на методот на Каздин, создаден од д-р Лери Каздин од Центарот за родители на „Јеил“. Основата на овој метод е едноставна: заменете го однесувањето што не сакате да го видите кај вашата ќерка со однесување што сакате да го видите. Бидејќи колку и да нервира однесувањето на вашата ќерка, тоа функционира. Таа сфатила дека сигналот за да направи нешто што вие го барате од неа е кога станувате гласни. За да го промените тоа, ќе треба да го практикувате однесувањето што навистина сакате да го видите.
Пристапете кон целата ситуација како да тренирате спорт. Вие сте тренерот, а таа е играчот и време е за вежби. Првото нешто што треба да го направите е да бидете одредени за тоа што сакате да го видите. Почнете со една работа. „Направи го тоа што ти го велам, уште првиот пат кога ќе ти го речам“ е премногу големо. Бидете конкретни. Почнете со миење на забите или облекување или ставање чевли. Изберете една од овие работи. Кажете ѝ точно што треба да направи и што ќе вежбате. Објаснете со најљубезен, среќен и возбудлив јазик. Покажете ѝ дека е забавно. Така ќе ги олесните работите.
Кога ќе почнете да вежбате, ќе треба да го кажете тоа на охрабрувачки начин. Клекнете и осигурете се дека ве гледа. Дури и кажете ѝ „те молам“. Потоа, кога вашата ќерка ќе го направи тоа што го барате, првиот пат, направете го тоа како да е голема работа. Таа само што постигна гол. Само што победи во трката! Повторете го процесот повторно и повторно. На крај, одговорот што го барате ќе стане навика и ќе можете да преминете на миење на забите или облекување.
Се разбира, можеби нема да биде лесно. Можеби ќе треба да ја разложите задачата. Можеби ќе треба да ѝ помогнете. Но, запомнете дека целта е да го видите нејзиниот независен одговор на вашето барање без да викате. Уште поважно, тоа значи дека ќе треба да престанете да викате. Исто така, ќе треба да работите на тоа да бидете попозитивни за вашите барања. Дали ќе се чувствува присилено? Можеби, некое време. Но, на ист начин на кој ја тренирате вашата ќерка се тренирате и себеси.
Еве нешто важно да го запомните: треба да се осигурате дека вашата партнерка е во ред со овој план. И двајцата родители треба да бидат ангажирани со истиот тренинг или тренингот нема да успее. Ова е тимски напор.
Тајната на сето ова е дека многу од проблемите што родителите сакаат да ги решат можат да ги решат со модифицирање на сопственото однесување. Тренингот на вашата ќерка е само мал дел од она што се случува тука. Поголемиот дел е што самите се тренирате како да комуницирате и да реагирате кон вашата ќерка. На крајот на краиштата, вашата врска е трансакција на барања и емоции што треба да бидат усогласени со заедничка цел. Во одреден момент вашата ќерка ќе научи дека е подобро да прими пофалби за ставање на чевлите уште првиот пат кога ќе ѝ кажете. А вие ќе научите дека трпеливоста и пофалбите се подобри отколку да го изгубите вашето трпение.
Автор: Патрик А. Колеман