Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Ќерка ми пред една недела наполни 4 години. И од истиот ден почна еден проблем. Таа одбива да се пресоблече во друга блуза. Постојано ја бара омилената пижама или жолт дуксер. Маичка по кратки ракави не доаѓа предвид. Веќе цела недела, секоја ноќ се буди, вреска, пребарува во фиоките со алишта, одбира една, па друга блуза, за на крај пак да заврши со една од двете горенаведени. Потоа ѝ треба барем половина час да се смири и да заспие. И така секоја ноќ. Настрана од ова е умно дете кое ми помага во сè што барам од неа. Местиме кревет, правиме ручек, пуштаме машина за перење и други задачи низ домот. Надвор си игра со деца и е весела. Доцни со говорот. Почна да зборува пред една година. Досега фондот на зборови доста ѝ се зголеми. Како почна проблемот со облекувањето, почна и да кажува цели реченици (пингвинот има жолт шал, јас сакам банана, скокам високо итн.), а и пее песнички, на македонски, па потоа на англиски. Седење пред екран е сведено на час-два во текот на денот и гледаме тоа да не е содржина на англиски јазик како што беше случај до пред две години. Ме загрижуваат многу овие тантруми и инаетење. Пробувам да ѝ дадам избор, да одбере сама што ќе носи, но залудно, пак завршуваме на исто. И да е топол ден, повторно нема да сака да облече потенка блуза. Ве молам за совет.
Прашува: читателка
ОДГОВОР: Ме радува што имате темпераментно, весело и умно девојче. Убаво е да се прочита дека развојот на говорот напредува и дека многу работи правите заедно.
Децата во развојот постојано поминуваат низ различни фази, и некако природно е кога ќе се слушнеме од повеќето родители „и ова ли е уште една фаза?“ Така и во овој случај, малите деца поминуваат низ фаза во која сакаат да носат иста облека и постојано да се во неа. Без разлика дали ќе станува збор за маица, блуза итн. Сето ова претставува голем предизвик за родителите кои се обидуваат да го облекуваат своето дете во различни алишта, но и самото одржување на хигиената.
Во овој случај блузата за неа претставува сигурност и комфор, во неа веројатно се чувствува посигурно, посилно и посреќно, се штити, затоа толку многу ѝ значи. А во светот кој постојано се менува, а и самата таа, носењето иста облека може да биде доста утешително. Кога сме кај бојата, некако во објаснувањето кога почнала да употребува долги реченици ја употребува жолтата боја, поради тоа може да се случи да ја следи омилената боја или, пак, омилената книга со приказни или некој цртан лик.
Ова може да претставува и знак каде што демонстрира и се бори за своето „јас“ и го изразува својот идентитет преку изборот на облека. Иако ова однесување на приврзаност со одредена облека е фрустрирачко, тоа е безопасно. Како родители, треба да препознаеме дека децата не се обидуваат да бидат „тешки“, туку на секое однесување треба да гледаме како загатка која треба да се реши и да најдеме решение кое ќе биде прифатливо за сите. Блузата во случајот и не е толку битна колку вашиот однос и претпоставките што таа ги има. Затоа, обидете се да откриете зошто го прави тоа.
Дали ѝ е поудобно во тие алишта? Или, другите зборуваат убави работи за неа кога е во таа облека?
Исто така, би било добро да следите во кои ситуации бара да ја носи. Дали нешто ја вознемирува, па ќе се сети на блузата или нешто ѝ е непријатно. Важно е да разговарате со детето зошто ја сака баш таа блуза, слободно да изрази сè што е поврзано со блузата, а потоа да ја проширите приказната за друга облека, зошто не ја сака другата облека, а потоа да ја проширите приказната за вашата врска, какви чувства негува кон вас, таткото и другите членови на семејството.
Особено фокусирајте се на прашањето дали нешто ја загрижува, дали се плаши од нешто. Овој разговор треба да го водите смирено и отворено, детето треба да се чувствува безбедно и да верува во вас.
Направете правило во врска со ова, дека ако нејзината блуза и се друго што постојано носи е валкано, треба тоа да се стави на перење, а за тоа време да одбере нешто друго. Наместо да се фрустрирате, можете со хумор и смеење да покажете дека ја разбирате необичноста. На пример: „Денес фаворит е жолтата блуза, утре на прво место ќе биде пижамата“. Направете некој вид игра за заедно да се забавувате.
Животот на малите деца е хаотичен, ако одредена облека им дава стабилност и се чувствуваат безбедно, нема штета во тоа.
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912