Многу наставници и родители забележуваат некоректност во однесувањето меѓу учениците во онлајн-училницата, задевање, довикување со погрдни имиња, правење мемиња или видеа на нечија сметка, исмејување, исклучување од настава. И уште многу примери што се дел од приватни пораки и социјални групи
Сајбер-булингот во основните училишта кулминира. Потекнува од агресивноста во однесувањето на некои ученици и, секако, од озборувањето, а потоа се шири, напаѓа, малтретира. Сè поголем е бројот на жртвите. Децата од основно училиште кои штотуку влегуваат на социјалната сцена не се свесни колку навредливи и повредливи можат да бидат коментарите на интернет. Со оглед на тоа што комуникацијата меѓу учениците е сведена на онлајн, потешко може да се врши увид во неа, да се контролира, па затоа и булингот ескалира. Многу наставници и родители забележуваат некоректност во однесувањето меѓу учениците во онлајн-училницата, задевање, довикување со погрдни имиња, правење мемиња или видеа на нечија сметка, исмејување, исклучување од настава. И уште многу примери што се дел од приватни пораки и социјални групи.
Пцости на час
Онлајн-булингот во основно училиште се забележува во повисоките одделенија, шесто, седмо, осмо, деветто.
– Како родител можам да забележам дека кај поголемите деца, еве сега моите се седмо одделение, почнува некој вид булинг меѓу учениците. Сè потешко се контролираат и од страна на родителот и од страна на наставниците. Кај нив дефинитивно онлајн-наставата не е под контрола. Уште од прв ден си го користат „Тимс“ за групен разговор и постојано играње игри, не само на паузите, туку и за време на часовите. Најчесто ги заматуваат камерите, ги залепуваат со селотејп и ги исклучуваат микрофоните убедувајќи ги наставниците дека имаат технички проблем. Можам да кажам дека во наставата на моите деца секој ден сум сведок на булинг. Од погрдни зборови меѓу нив, пцости од кои ќе се изненадиш, до исмевање на наставниците и соучениците. Јас како родител имам постојано увид во нивните кориснички профили и на „Вибер“ и сум во тек со сè. Кога ќе реагирам за нешто, тие ми велат дека така сите комуницираат и дека тоа било нормално. Секојдневно се трудам да им укажам што е добро, а што не, но тешко се успева да ги одделиш од групата врсници. За жал, ретко кој од родителите знае што се случува, бидејќи се на работа и имаат преголема доверба во учениците, а некои сметаат дека не треба да им се мешаат во приватните пораки на своите деца – ни изјави Симона К., родител на ученици во седмо одделение.
Ситуацијата е излезена од контрола
Таа забележува дека фокусот и концентрацијата на онлајн-часот не се ниту на половина од оние на часот со физичко присуство.
– Ретко се случува да усвојат знаење од часот бидејќи не внимаваат, па ние како родители сме должни дополнително да работиме со нив. Голем број ученици посетуваат дополнителни часови по математика, јазик и други предмети. Исто така, и оценките за тромесечје се далеку од реални, и тие се добиени со препишување, поткажување, читање од книгите или директно од презентациите што ги споделуваат наставниците. Има наставници кои даваат рокови, ограничуваат време за решавање сложени задачи по математика, вршат притисок за домашни, кои се премногу и по сите можни предмети. По 5 часа седење на компјутер децата се принудени да седат уште неколку саати за да пишуваат домашни. Мислам дека целата ситуација е излезена од контрола и не се зема предвид психичкото здравје на учениците, туку повторно ова е само трка по оценки. Ни еден наставник не ги опушта учениците со смеа, разговори, туку сите како да се пред испитна постапка – објаснува Симона.
Исклучување на микрофонот
И наставничката Ирена Павлоска, која е родител на основци, вели дека од шесто одделение нагоре се забележуваат „виртуелни задевања“ помеѓу децата. Дури од соучениците на нејзините деца забележала дека има навредување, деградирање и омаловажување на наставниците, и во приватна комуникација, но и за време на одржување на онлајн-наставата.
Се понижуваат со фотографии, се нарекуваат „смрдли“, „глупи“… Сајбер-булингот воопшто не е наивен
– Најчесто се работи за исклучување на микрофонот на некое дете од одделението или група деца се договориле и си одбрале друго дете со помирен карактер да им биде мета на денот и има напаѓања од виртуелен карактер врз тоа дете. За време на часовите, доколку децата се вклучени на ПС-уред, тогаш голем дел од нив воедно се вклучени и на вибер-група на телефоните и си играат игри или си зборуваат нешто во пораки, наместо да го следат предавањето од наставникот. Можам да кажам дека ние како општество немаме таква култура и не сме со таков менталитет за да следиме онлајн-настава бидејќи не сме ѝ „дораснати“, а исто така со еден збор ќе кажам дека ова е една пропадната учебна година за сите ученици – зборува Ирена.
Отсуството на авторитет води кон булинг
Одделенскиот наставник Иле Михајловски потврдува дека постои форма на сајбер-булинг, но не во одделенската настава, туку во погорните одделенија.
– Кога конкретно зборуваме за сајбер-булинг на настава многу влијае авторитетот на наставникот. Отсуството на авторитет води кон булинг затоа што не може да ја исконтролира ситуацијата. Силниот авторитет воспоставува контрола. Исто така, доколку првпат се запознаваат со некој наставник, тешко е да се изгради авторитет виртуелно. Не го перципираат како наставник, туку како личност икс. А тешко е и за наставникот затоа што не знае какви личности се децата, не им го знае карактерот – вели Михајловски.
912