Здравје

САД: Труењето со никотин кај децата се зголеми седумкратно, никотинските кесички се главниот виновник

Нов тренд кај возрасните претставува сериозен ризик за децата, младите, па дури и за најмладите. Никотинските кесички, производи што се ставаат помеѓу непцата и образите за да го достават никотинот во организмот, стануваат сè почеста причина за случајно труење кај децата. Според нова студија објавена во престижниот магазин „Педијатрија“, бројот на пријави за труење со овој производ кај деца под 6 години се зголемил за дури 763 % во Соединетите Американски Држави, помеѓу 2020 и 2023 година.

Зошто никотинските кесички се опасни?

Никотинските кесички се мали, слични на гума за џвакање, често со вкус и спакувани на начин што личи на бонбони. Ова ги прави привлечни за децата.

-Кесичките се доволно мали за лесно да се вклопат во устата на детето. Децата го истражуваат светот со своите усти и ако најдат кеса на подот, веројатно ќе ја стават в уста, ќе ја џвакаат или ќе ја голтнат – предупредува д-р Антонија Неманич, токсиколог и професор по итна медицина на Системот за здравство на Универзитетот „Раш“.

Постарите деца може да ги пробаат од љубопитност или затоа што ги гледаат возрасните. Овој тренд некогаш беше популарен во нашиот регион и сè уште претставува опасност за која не се зборува доволно.

Кои се симптомите на труење со никотин?

Никотинските кесички содржат концентриран никотин, кој е невротоксин. Голтањето на овие производи значително ја зголемува апсорпцијата на никотин во телото. Раните симптоми на труење се:

-забрзано чукање на срцето

-гадење и повраќање

-главоболка

-забрзано дишење и лигавење

-анксиозност.

Потешките случаи може да доведат до:

-конфузија

-тремор (тресење)

-напади

-мускулна слабост

-парализа

-респираторен застој или нарушувања на срцевиот ритам (во ретки случаи, смрт).

-Како и со секој вид труење, сè зависи од количината на никотин што детето го проголтало и неговата телесна тежина – објаснува д-р Неманич.

Што да направите ако се сомневате на труење со никотин?

Доколку дете стави никотинска кесичка во уста или ја проголта:

-Веднаш извадете ја ако сè уште е во устата.

-Не предизвикувајте повраќање.

-Не чекајте да се појават симптоми – веднаш побарајте стручен совет.

Доколку детето веќе покажува симптоми на труење (гадење, повраќање, забрзан пулс, тремор, конфузија…), не чекајте – веднаш одете во најблиската служба за итни случаи.

Како да се спречи труење?

Чувајте ги никотинските производи подалеку од дофат на деца, како и сите други потенцијално токсични супстанции. Доколку ги користите овие производи, фрлете ги веднаш по употреба – не оставајте ги на маса, во торба или во џебови. Едуцирајте ги постарите деца за опасностите од никотинот и други слични производи.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

To top