Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 6 години, а во последно време откако почна во училиште, забележувам дека речениците што ги изговара си ги повторува тивко. На пример, ќе каже: „Дојди тука“ гласно, а потоа повторува тивко: „Дојди тука“ шепотејќи. Од што може да биде тоа и како да постапам? Го прашувам зошто повторува, но не ми одговара, како да не ме слуша. Често прави така, воопшто не забележува дека нешто го прашувам, како отсутен да е, само кога тој сака, тогаш разговара. Претходно не правеше така, не се случило ништо за да се посомневам, откако почна во училиште забележав дека си ги повторува речениците. И не кажува зашто го прави тоа.


ОДГОВОР: Треба да се утврди од каде доаѓа таа потреба да ги повторува зборовите, можеби е игра, можеби е повторување. Ја споменувате и неговата отсутност. Дали таа отсутност се јави исто присутна откако тргна на училиште или и претходно забележувавте дека така комуницира. Би можела да ви дадам препорака во делот со отсутноста. За да се довика детето, потребна е соодветна насоченост, а потоа разговор или навраќање на разговорот доколку бега во сопствениот свет. Кога комуницирате со него, многу е важно да се спуштите на нивото на неговите очи, да го погледнете и да воспоставите контакт, доколку треба и допир, со кој ќе го повикате, и кога ќе се осигурите дека ве слуша, да го прашате. Внимавајте многу да не изгледа како испрашување, туку обидете се да му покажете дека навистина сакате да разговарате со него.

Можете заедно да ги играте неговите омилени игри и попатно да поставите прашање на кои ви треба одговор, и да овозможите тој да нешто да ве праша. Многу е важно да бидете присутни, стрпливи и да не избрзувате. Доколку детето не сака да ви одговори и сметате дека е уморно, кажете му дека можете да го правите муабетот и подоцна, а сега можете да си играте нешто.

Децата секогаш преку игра кажуваат многу работи за она што го преживеале и им се случило.

Можете да направите и игра од неговото однесување. На пр., да му кажете дека првпат слушате некој така да зборува и дека би сакале и вие да научите така да зборувате. Но гледајте ова да е навистина искрено барање. Побарајте од него да ви објасни како го прави тоа? И прашајте го кога можете да го искористите таквото зборување, кога гласно да зборувате, а кога да шепкате. Секогаш низ игра, заинтересираност и прифаќање ќе можете многу да дознаете за вашето дете и за неговите внатрешен свет.

Тој не ви го кажува одговорот затоа што можеби не ви го разбира прашањето, а и да го разбира, го нема одговорот затоа што е тешко да се објасни нешто вакво, и вие можеби се однесувате кон него како кон некој што треба да ги има сите одговори на вашите прашања. Тоа е огромен притисок за него и наместо да го барате тоа, набљудувајте го, играјте со него, разговарајте за нешто друго, оставете време и простор да го најде и да ви го даде одговорот.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X