Стрептококата е дел од нормалната бактериска флора кај човекот, но одредени видови можат да предизвикаат болест. Заболувањата предизвикани од стрептокока се акутни заразни заболувања предизвикани од бактеријата „Streptococcus pyogenes“ или од бета-хемолитичката стрептокока од групата А.
Кои болести ги предизвикува стрептококата?
Како последица од инфекција со бета-хемолитичка стрептокока, кај децата најчесто се јавуваат:
Шарлах
Импетиго
Еризипел
Стрептококна ангина
Стрептококна инфекција на носот и грлото
Воспаление на бронхиите и белите дробови
Како компликација од стрептококната инфекција може да се појават и:
Воспаление на синусите
Воспаление на средното уво
Менингитис (воспаление на мозочните обвивки)
Ревматска треска (воспаление на зглобовите и срцевиот мускул)
Воспалително оштетување на бубрезите (гломерулонефрит)
Шарлах
Шарлах (scarlatina) е стрептококна болест која најчесто започнува како стрептококна ангина. Го предизвикуваат бета-хемолитичките стрептококи кои лачат еритроген токсин од три типа: А, Б и Ц.
Децата најпрво се жалат на болка во грлото, по што следува висока температура. По еден до два дена се јавува карактеристичен исип, најчесто во пределот на пазувите, долниот дел на стомакот и препоните.
Лицето обично не се исипува, туку образите стануваат црвени и топли на допир, додека областа околу устата е бледа или речиси бела.
Исипот трае шест до седум дена, кожата станува сува, а по оздравувањето започнува лупење, најмногу на трупот, вратот, дланките и стапалата.
При сомнеж за шарлах, важно е да се посети лекар кој ќе препише антибиотик и ќе препорача изолација од колектив (градинка, училиште).
Терапијата најчесто трае 10 дена и мора да се испие докрај. Повторно заболување е многу ретко и се јавува само ако инфекцијата е предизвикана од друг тип токсин.

Стрептококна ангина на грлото
Ова е најчестата болест предизвикана од стрептокока. Инкубацијата е кратка, од еден до три дена. Болеста почнува нагло, со висока температура, треска, силна болка во грлото, главоболка и болки во зглобовите.
Кај децата често се јавува и повраќање. При преглед, лекарот ја препознава стрептококната ангина по гнојните точки во грлото и болните, зголемени лимфни јазли.
Како и кај шарлахот, потребно е лекување со антибиотик – најчесто 10 дена.
Еризипел
Ова е стрептококна инфекција на кожата. Инфекцијата настанува кога бактеријата навлегува преку мали, најчесто невидливи повреди. Почеста е кај постари лица и најчесто се јавува на потколениците, поради проширени и воспалени вени.
Болеста почнува нагло со температура, треска, болки во зглобовите, главоболка и повраќање. На кожата се појавува црвенило и оток што се шири кон периферијата.
Импетиго
Импетиго, како и еризипелот, е стрептококна инфекција на кожата, но најчесто се јавува кај мали деца. Ја предизвикуваат „Staphylococcus aureus“ и стрептокока од групата А. Болеста е многу заразна и брзо се шири, особено во лоши хигиенски услови. Прво се појавуваат црвени ранички, најчесто околу носот и устата, кои пукаат и создаваат медени красти.
Лекувањето вклучува антибактериски кремови и масти, а понекогаш и орален антибиотик што треба да се зема околу 7 дена. Детето е заразно до 48 часа по почетокот на терапијата и мора да биде надвор од колектив.
Ектима
Ектимата е стрептококна инфекција на кожата, предизвикана од стрептокока од групата А. Се препознава по длабока, отворена улцерација (рана) со дијаметар до два сантиметри. Често се јавуваат и зголемени лимфни јазли.
Лекувањето е исто како кај импетигото.
Потврда на инфекција
Лекарот најчесто може да ја препознае стрептококната инфекција и без брис од грлото. Брис се зема кога има сомневање меѓу вирусна и бактериска ангина.