Кога на младите им нудиме ваква слика за љубовта, без објаснување и без критичен разговор, лесно можат да поверуваат дека вистинската љубов мора да биде страсна, забранета, ризична, трагична.
Кога бев во Верона, слушнав една мајка како им објаснува на малите деца додека чекаа ред за сликање под балконот на Јулија:
– Двајцата се сакаа многу, многу. И бидејќи возрасните не ги поддржаа, за да ја докажат својата љубов, тие се самоубија.
Долго размислував за таа реченица.
Затоа што таа реченица ја сумира романтизацијата што со генерации ја пренесуваме, без притоа да сме свесни за тоа.
„Ромео и Јулија“ е трагедија. Но ја учиме и ја прераскажуваме како љубовна приказна.
Двајца тинејџери. Се запознаваат. Се вљубуваат. Се кријат. Се караат со родителите. Бегаат. И на крајот умираат.
Затоа што немале простор да добијат поддршка. Затоа што возрасните околу нив повеќе се грижеле за семејните конфликти отколку за доброто на сопствените деца.
И тоа е она што Шекспир го пишува.
Но она што често им го пренесуваме на децата е дека тоа е најголемата љубов на сите времиња.
Токму тука е проблемот.

Кога на младите ќе им понудиме ваква слика за љубовта, без објаснување и без критички разговор, лесно можат да поверуваат дека вистинската љубов мора да биде страсна, забранета, ризична, трагична. Дека љубовта без драма не е доволно силна. Дека болката и стравот се составен дел на секоја „вистинска“ врска.
И дека доказ за љубовта е жртвата. Понекогаш дури и животот.
Затоа е важно оваа приказна да не ја учиме како романтичен мит, туку како можност за разговор. Со прашања како:
Што можеле Ромео и Јулија да направат поинаку?
Кои биле другите можни решенија?
Дали животот навистина се живее само „овде и сега“?
И колку е важно да се научи да се чека, размисли, изгради?
Затоа што трпението е мајка на мудроста. (Автор непознат, но мудроста е потврдена со векови)
Сигурна сум дека многу наставници кои работат со деца ја обработуваат оваа тема со водство, анализа и отворени прашања, што е правилниот начин.
Но, проблемот настанува кога родителите, често со најдобра намера, ќе ги однесат децата во Верона пред тоа. Кога децата, без контекст, без критичка дистанца, ќе ја чујат бајката наместо предупредувањето.
Овој текст не е повик Шекспир да се исфрли од лектирите. Напротив, тоа е повик да го читаме заедно со децата.
Да ги научиме да прават разлика меѓу драма и однос, меѓу заведување и врска, меѓу трагедија и вистинска љубов. Ромео и Јулија не се пример. Тие се предупредување.
Ако не го кажеме тоа јасно, децата ќе ја романтизираат трагедијата и нема да ја препознаат трагедијата на својата младост сè додека не стане предоцна.
Автор: Снежана Голиќ
Извор