Воспитување

Родителството не се учи, се учат родителските вештини

Родителството е автентичен и засебен пат на една личност кој треба да остане спонтан, непосреден и интуитивен начин на посредување и водство. Она што се учи во родителството се родителските вештини, исто како и другите животни вештини, на пример, комуникациски вештини, психомоторни вештини итн. Со вештини не се раѓаме и тие ги совладуваме директно и индиректно преку животните предизвици.

Желбата за совладување на родителските вештини ве прави свесен родител за тоа што моделирате кај своето дете. Ако сте агресивни кога сте вознемирени и лути, вашето дете ќе го смета тоа за соодветно однесување и ќе го користи не само кога ги искажува истите емоции, туку и кога ќе сака да привлече внимание кон себе, дури и кога ќе сака да другарува и да покажува наклонетост. Ве прави свесен родител и за тоа што предизвикува вашето дисциплинирање кај своето дете, дали ја зголемува фрустрацијата и интензитетот на чувствата и поттикнува лошо однесување или, пак, насочува и води. Во насочување и водство вие всушност сте поставиле јасни граници, цврсто се држите до нив и употребувате природни последици од детските постапки. Родителските вештини ќе ви овозможат да ги одобрите неговите чувства, да му дозволите на вашето дете да плаче и кога е тажно, но и кога е фрустрирано и вознемирено бидејќи солзите се природен човечки канализатор на емоции. Во таа поддршка му помагате да ги идентификува своите чувства и да ги изрази на начин што нема да му наштети на некој друг или на себе.

Учењето нешто ново го прави родителот сигурен и ја јакне родителската самодоверба. Секојпат кога ќе научиме нешто ново, мозокот ни дава награда – хормон на среќа или ендорфин. Тоа го гледаме и кај задоволните родители кои се отворени за совладување нови родителски вештини. Мапата на учење и совладување родителски вештини е целосно индивидуална и зависи од сопствениот личносен и семеен систем, родителскиот стил и темпераментот на своето дете.

Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца

Поврзани написи

To top