Без разлика на темпераментот и начинот на реагирање на детето, низ телефонските разговори со родители што бараат психолошка поддршка во оваа ситуација се издвојува потребата од неколку позначајни препораки и насоки, вели Гордана Николова, психолог при ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија. Ова се нејзините совети за родителите

Актуелната пандемија со Ковид-19 е нешто ново и застрашувачко за сите нас. Природната човечка реакција на оваа ситуација е страв, основна емоција која нè одржува во живот, но кога децата ги гледаат родителите дека се вознемирени и немаат контрола врз тоа што се случува, се чувствуваат збунето и исплашено.

Манифестации на вознемиреност кај децата

Под влијание на ваквата вознемиреност децата често пројавуваат таканаречени регрес феномени или манифестации на однесување кое веќе било надминато или надраснато, како мокрење во кревет, темпертантруми (изливи на бес и незадоволство), цицање на палец, плачливост и сл. Во овие ситуации важно е на детето да му се даде поддршка, а не автоматско реагирање со негативни пораки како критикување, споредување или прекорување. Ваквото однесување најчесто се повлекува по надминувањето на изворот на анксиозноста. Индивидуалноста на секое дете значи и индивидуалност во реагирањето под наплив на вознемиреност.

Децата што примарно се анксиозни и склони кон повлекување во себе може да пројават пречесто миење на рацете бидејќи тоа им дава одредено чувство на контрола во оваа ситуација, но потребно е да се ограничи само на неопходното бидејќи може да стане вовед во подлабоки стравови од болести, а потоа и психичко нарушување (фобии, опсесивно-компулсиво однесување).

Ситуациите кога децата покажуваат повеќе промени на однесувањето во правец на избувливост, раздразливост, односно се однесуваат несоодветно, агресивно, со отпор кон родителите, се голем предизвик за трпението на секој родител. Обидете се да го игнорирате ова однесување (само доколку е безбедно) и ставете акцент на пофалбата на однесувањето кое сакате да го видите кај вашето дете, со тоа што позитивното однесување ќе го наградите и поткрепите со нематеријална награда која детето ја посакува, како омилена активност во домот, омилен десерт, екстра време на некој уред и слично.

Без разлика на темпераментот и начинот на реагирање на детето, низ телефонските разговори со родители што бараат психолошка поддршка во оваа ситуација се издвојува потребата од неколку позначајни препораки и насоки.

Разјаснување на актуелната пандемија

Често впечатокот дека детето е информирано не е целосно точен. Разговарајте со детето прашувајќи го што знае за вирусот и разрешете ги сите потенцијални дезинформации и застрашувачки приказни што некаде ги сретнало. Обидете се објаснувањето да биде прецизно и јасно, без да се пролонгира и повторува по неколку пати во денот. Објаснете ја важноста на мерките што се преземаат со акцент дека со тоа целото семејство прави сѐ што може за да ги заштити возрасните и болните луѓе. Со тоа ќе го намалите доживувањето дека детето или родителот е потенцијална „жртва“ на вирусот. Терминот „вакцина“ им е добро познат на децата, па од голема важност е да се потенцира дека научниците веќе тестираат вакцина која ќе им помогне на луѓето.

Гордана Николова

Ограничување на бројот на информации

Во актуелната ситуација на самоизолација преголемиот број информации претставува извор на стрес, ги преплавува родителите, а покрај нив и децата. Ограничувањето на информациите ќе биде корисно за целото семејство, со кратко информирање од проверен извор на информации, но исто така потребно е и да се внимава на телефонските разговори на родителите кои детето ги слуша во домот.

Бидејќи децата ја чувствуваат вознемиреноста на родителите, треба да се разговара за тоа со намера да се нормализира чувството на страв преку изразување на чувствата на родителот и начинот на кој се справува. Родителот треба да стане модел за соодветно или зрело справување со стравот и вознемиреноста.

Организација на денот

Деновите во самоизолација се чинат долги, затоа е важно да имаат јасна структура бидејќи предвидливоста на активностите во денот им дава чувство на сигурност на децата. Времето поминато заедно дома може да биде одлична шанса за зајакнување на емоционалната врска помеѓу родителите и детето. Во рамките на јасната структура и семејни правила во овој период не дозволувајте децата да го поминуваат денот во своите пижами, одредете време за јадење, учење и пишување на домашната работа, игра, спиење, особено ограничете го времето што децата го поминуваат пред екран.

Дозволете му на детето креативно да игра и да се изразува, така ќе ги сублимира и редуцира и стресот и анксиозноста. Вклучете физички активности во текот на денот, како и помош во рамките на домаќинството од страна на детето. Искористете го тоа да ја поткрепите самодовербата на детето, праќајќи му позитивни пораки дека е независно и дека му помага на целото семејство.
Времето поминато со родителите и забавата што децата ја имале во периодот дома лесно може да остават поголем впечаток во сеќавањата отколку чувството на страв и анксиозност, во што е тежината на улогата на родителот.

Доколку ви е потребна дополнителна стручна помош за совладување на анксиозноста на вашето дете или сопствената анксиозност, јавете се на следните броеви за психолошка поддршка:
Родители на деца на предучилишна и училишна возраст – 072 912 676
Адолесценти – 078 378 728
Родители на деца со посебни потреби – 070 291 574
Возрасни лица во самоизолација – 072 919 009



912

X