Воспитување

Родителот не е и не може да биде рамноправен со детето

Кога ќе им поставите граници на децата, реално е да очекувате дека ќе бидат лути, бесни, тажни, но без нив проблемите ќе се продлабочат и ќе станат посериозни. Односот кон дисциплинирањето на децата се менува многу брзо. Не така одамна, кога се работеше за дисциплинирање на децата, се знаеше дека „ќотекот излегол од рајот“. За среќа, тоа се промени.

Побегнавме од авторитарниот стил на воспитување и се насочивме кон оној со кој се попушта и мислевме дека неспоредливо подобро ги решаваме работите од претходните генерации. Но, по неколку години се најдовме во ситуација децата да ни се разгалени, да не постигнуваат добри резултати на училиште, да се склони кон импулсивни реакции и напади на гнев, без никакви обврски во домашните работи.

Авторитет и блискост

Современото родителство значи дека му пристапуваме на детето како на важен проект: се едуциравме, читавме, дизајниравме, консултиравме. Како сега да си објасниме дека ефектот од нашата извонредна работа, љубов и пожртвуваност е таков што едвај се носиме со едно или можеби две деца? Ни се чини дека не правиме ништо друго освен што смислуваме како да ги решиме проблематичните ситуации на нашето дете. Како верувањата кои звучат примамливо: „Се согласуваме за сè“, „Детето и јас сме пријатели“, „Не сакам да го фрустрирам детето“, „Сакам моето дете секогаш да биде среќно“ – нè доведоа до такви големи проблеми?

Првата дилема што треба да се реши е родителот да го прифати сопствениот авторитет. Родителот е задолжен за поставување на границите, кои му се неопходни на детето и се неопходен услов за добар емотивен и социјален развој.

Се разбира, родителот треба да биде близок со детето, но не треба да се труди да му биде пријател. Пријателството подразбира еднаков однос, а родителот не е и не може да биде еднаков со детето.

Друг проблем е што дисциплинирањето често е прилично непријатно искуство и за родителите и за децата. Причината е едноставна: кога на детето му поставувате граница, реално е да очекувате дека ќе биде луто, бесно, тажно… Детето не сака да му се одрече нешто или да му се наметнуваат некои обврски – и во ситуации кога му се поставува граница, т.е. кога е дисциплинирано, ќе биде луто, вознемирено, ќе плаче или ќе има напад на бес. Иако е непријатно, тоа е сосема нормално.

Ваквата реакција предизвикува слично негативно искуство кај родителот, кој и самиот се лути, тагува, се плаши да не му нанесе непоправлива штета на детето. Разбирливо е дека родителот сака да избегне такви негативни искуства и чувства. Проблемот е ако сака да решава ситуации со избегнување граници и дисциплинирање, но сè ќе биде во ред само на краток рок. За жал, долгорочно проблемите ќе се продлабочат и ќе станат посериозни. Значи, иако дисциплината често е непријатно искуство, сепак е неопходна.

Следното нешто што треба да го земете предвид е возраста на детето. Ако родителот очекува дека детето „сè ќе разбере ако убаво му објасниме“ и сè ќе реши со договор, ќе има тешки моменти во текот на годините. Често можеме да видиме родител кој облеан во пот се обидува да му објасни на двегодишно дете во полн замав на напад на бес, за она за кое се „договориле“. Во исто време, детето во петтата секунда изгубило од вид што се случува. Од едноставна причина: затоа што има само две години.

Ако родителот има близок и топол однос со детето и им приоѓа мирно и доследно на ситуациите кои бараат дисциплина, па и ако применува дисциплински техники кои се во согласност со возраста и околностите на детето, големи се шансите тоа да биде ефективно на соодветен, ненасилен начин. Се разбира, не секогаш, но тоа е нормално.

Совршен интернет-родител

И конечно, важноста на влијанието на социјалните мрежи не треба да се намалува. Иако на социјалните мрежи често може да се најде поддршка, а и корисни совети, понекогаш родителите се заведени од целосно неточни и непроверени информации од „најновите истражувања“. Посебна замка прават „совршените“ родители на интернет во споредба со вистинските родители кои можеби се чувствуваат неуспешни. Затоа е важно да се потсетиме дека како што има мали шанси на „Инстаграм“ да ставиме слика од шпагетите од вчера, но сакаме да ставиме слика од свежо цеден сок до букет цвеќе и сонце во заднина, така и сликите со приказните на родителите кои во секоја ситуација се полни со љубов, разбирање – се само шарена лага.

За среќа, совршени родители и совршени деца не постојат.

Затоа, во врска со дисциплината, но и другите аспекти на родителството, родителот треба да го следи своето дете, да постапува најдобро што може и да бара решенија кои му одговараат нему и на неговото дете.

Автор: Невена Ловринчевиќ, клинички психолог

Извор

Поврзани написи

To top