Текстот е инспириран од вистински случувања од практиката на еден педагог.
Влезете во кое било училиште во Србија и прашајте ги учениците или наставниците дали кај нив ги има оние деца што секогаш ги избегнуваат испрашувањата или контролните вежби. Непогрешливо одговорите ќе бидат исти од двете страни. Сите ги знаеме таквите ученици, децата ги препознаваат во одделението. Тоа се оние што речиси по правило „се спречени“ да присуствуваат на наставата на денот на испрашувањето или на контролните вежби. Тие часови најчесто ги правдаат родителите. Се прашувам кој е поривот на родителите да го прават тоа, но претпоставувам дека мислат оти така го штитат своето дете и му помагаат. Ова е еден од очигледните примери на погрешниот однос на родителите кон детето.

Душко Радовиќ вели: „Ако ги решите сите проблеми на вашите деца, тие нема да имаат други проблеми освен вас“.
Навистина, има ли живот без проблеми и има ли човек на кој постојано некој друг му ги решава проблемите на кои наидува во животот? Во текот на растењето детето поминува низ одредени пријатни и непријатни ситуации и учи како да се однесува кон нив. Некогаш погрешно, некогаш добро се снаоѓаме. Ги помниме успесите и грешките што сме ги направиле. Ако некој друг ни ги решава проблемите во учењето, дружењето, партнерските односи, судирите со другите, тогаш не постои учење од сопствените искуства. Тоа престанува да биде наш проблем и станува проблем на родителите, кои ќе се напрегаат до крајни граници за да го решат тој проблем. На тој начин децата се лишуваат од скапоцено искуство во комуникација со другите (врсници, наставници, соседи). Детето тогаш има само еден порив – кога ќе наиде на препрека, да го повика родителот.
Ваквиот начин на воспитување прави од децата несигурни личности, лица кои за секоја ситница ќе бараат мислење и заштита на родителите. На крајот, тоа е дете кое нема да може самостојно да гради меѓучовечки односи и да ги решава проблемите на кои наидува. Затоа не е чудно што денес е ретко да се види дете кое самостојно оди на училиште, самото знае што има за домашна задача и кој материјал е потребен за час по ликовно образование. Кога ќе забележиме такво дете и ние што работиме во училиште пријатно се изненадуваме и се зачудуваме, а ваквото однесување треба да е нормално и очекувано. Дозволете им на децата да грешат, да победуваат и своите битки да ги водат самите, а вие бидете тука, подготвени да им помогнете и да ги поддржите.
Автор: Невена Тоскиќ/ педагог